Денес се навршуваат 96 години од смртта на Крсте Петков Мисирков

Крсте Петков Мисирков е првиот кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, автор на првата книга и првото списание на современ македонски јазик. И покрај обидите за уништување на секоја копија од книгата „За македонцките работи“, таа опстојала и денес можете да ја прочитате и на македонски литературан јазик тука и во оригиналниот стар македонски правопис тука.

Во негова чест, ви пренесуваме извадок од авторскиот текст „Македонски национализам“ објавен во списанието „Мир“ во Софија, 1925 година.

– – – – – – –

Цели триесет години се водеше херојска борба на Македонците за соборување на турското ропство. Едновремено со тоа во Македонија беснееја, деморализирајќи дел од населението, туѓите пропаганди. Македонската интелигенција се оддаде пред се’ на револуционерна дејност. Но имаше и такви што наоѓаа дека има и други патишта и можеби не помалку важни од револуционерната борба за успехот на македонското дело.

Мојата книшка за македонските работи, издадена во Софија во 1903 година, и мојата статија „За значењето на моравското или ресавското наречје за современата и историската етнографија на Балканскиот Полуостров” покажуваат дека дел од македонската интелигенција барала и наоѓала и други средства за борба, а имено самостојната македонска научна мисла и македонската национална свест.

Македонците и се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив. Македонците или треба да си останат на родните места, па ако сака и ѓаволот да ги владее, или пак, ако им е судено да се местат, тие треба да се преместат од едниот крај на Македонија во друг крај, но пак на Македонија, а не на Бугарија, Србија или Елада. Изгонети од грчка Македонија, Македонците требаше да отидат во српска Македонија, да образуваат воени населби и да го дочекаат денот кога би можеле да се вратат на родните пепелишта.

Тоа е онаа иднина за која ние водиме и треба да водиме сметка и пред која ние сме одговорни. Но прашувам јас: правилно ли е разрешено македонското прашање со преселувањето на 300-400.000 Македонци од грчка Македонија во Бугарија наместо тие да бидат население во српска Македонија.

И од македонско и од српско, па дури и од бугарско, т.е. од општо јужнословенско гледиште најправилно, најцелесообразно и најпредвидливо би било изгонетите Македонци да бидат населени во Јужна Македонија за да образуваат една непробојна стена против азијатскиот грцизам расположен со фронт на север против Југославија и Бугарија.

Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да не’ прашаат за сите прашања што не засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува се’ само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас.

И нека бидат уверени сите заинтересирани дека кај Македонецот ќе се најде достатно такт, предвидливост, самопожртвување за постигањето на едно општо добрување на Балканот, доста е да биде зачетено националното и личното достоинство на Македонецот.

К. Мисирков! Македонски национализам, „Мир” XXXI, 7417, Софија, 12.3.1925

  • detroit напиша:

    UBO NAPISANO USTE PODOBRO KAZANO, MISIRKOV. AMA DA ZNAESE KAKVI PREDAVNICI KE DOJDEA POSLE TEBE I EDNI I DRUGI MI SE CINI KE NAPISESE SOSEMA NESTO DRUGO

  • Кирил напиша:

    А сите “патриоти” кои го бранат јазикот и нацијата да почнат да пишуваат на кирилица? Чисто како предлог ова!

  • Коментирај анонимно

    Напиши одговор на Кирил Откажи одговор

    Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *