Мајка го пронајде синот, киднапиран како бебе, благодарение на технологијата за препознавање на лица

Некои животни приказни можат да бидат многу тажни, особено кога на некој начин ги губиме луѓето кои најмногу ни значат. Таква е приказната на Мао Јин, која после долги години доби среќен крај, односно нов почеток. Мао Јин бил киднапиран во 17 октомври 1988 година, додека тој и неговиот татко Мао Жењинг се враќале дома од расадник во северозападниот град Ксиан во провинцијата Шанкси.

Тогаш 2-годишниот Мао бил жеден и неговиот татко одлучил да застанат до блискиот хотел и на влезот да се напијат вода. Таткото само за момент го тргнал погледот од синот додека бил да земе вода и кога се свртел сфатил дека некој го киднапирал бебето.

Мајката на Мао, Ли неуморно трагала пос војот син цели три децении. Таа дала отказ од работа и поделила околу 100.000 флаери низ најмалку 10 провинции и општини. Во тоа време Ли следела 300 можни траги, но безуспешно. Таа дури се појавила на разни ТВ-емисии, вклучувајќи го и Х Фактор, со надеж дека нејзиниот син ќе го гледа.

Очајната мајка волонтирала и во невладина организација за киднапирани деца „Бебе врати се дома“, собирајќи информации за исчезнати деца кои подоцна ги предавала на полицијата. Благодарение на напорната работа на Ли, 29 деца се соединија со членовите на семејството.

Конечно по 32 години пристигнале добри вести и за Ли. Полицијата добила трага за човек во провинцијата Сечуан во југо-западна Кина – приближно 1.000 км од Ксиан кој посвоил бебе пред многу години плаќајќи 6.000 јуани околу 700 евра на трговец со луѓе.

Полицијата го пронашла посвоеното дете, сега 34-годишен маж преименувана во Гу Нингвинг, користејќи технологија за препознавање на лицето, анализирајќи стари фотографии од момчето. Полицајците спроведоа ДНК-тест за да видат дали овој човек е навистина поврзан со Мао и Ли. Тестот покажал дека Мао Жењинг и Ли се родители на Гу Нингвинг, односно нивниот киднапиран син Мао Јин.

Емоциите биле преголеми и тешко се опишуваат. Ли изјавила: „Повеќе не сакам да бидам разделена од него.“ Полицијата не открива детали за тоа како момчето било посвоено или пак детали за неговите посвоители, но Мао, кој сега има свој бизнис за декорации, вели дека сака да поминува време со своите биолошки родители и „повторно да ги запознае“.