Ќерката на Брус Ли тужи ланец на кинески ресторани за 26 милиони евра затоа што го искористиле ликот на нејзиниот татко
„Брус Ли Ентерпрајзес“ на чие чело е Шенон Ли, бара над 210 милиони јуани (26 милиони евра) како компензација од ланецот Реал Кунг Фу, со седиште во Гуангжу затоа што го искористиле ликот на покојниот Брус Ли без дозвола.
Ќерката на Ли, Шенон исто така побарала фирмата да престане да го користи логото и да им исплатат над 10.000 плус, за правни трошоци.
Исто така компанијата бара ланецот за брза храна да објави јавно извинување и да потврди дека рестораните немаат никаква врска со Брус Ли или компанијата која е во сопственост на неговата ќерка.
Реал Кунг Фу е ланец на ресторани основан во 1990 година и има филијали во над 57 кинески градови. Тие продаваат чинии со ориз со кинески јадења на пареа. Нивното лого е маж во жолто, кој наликува на изгледот и борбената позиција на Брус Ли од филмот „Enter the Dragon“ од 1973 година.
Од ланецот на ресторани велат дека се „збунети“ од тужбата бидејќи го користат истото лого веќе 15 години. Тие додаваат дека иако имало некои проблеми во минатото, неговата употреба била одобрена од Канцеларијата за патенти и трговски марки на Кина.