103-годишна тату-уметница ја одржува во живот древната филипинска традиција

Ванг-Од Огај им креира на луѓето тетоважи повеќе од 80 години, откако започнала школување за тетовирање како тинејџерка, иако практиката трае веќе 1.000 години.

На 103 години, Ванг-Од е последниот жив мамбабаток; името што им е дадено на традиционалните уметници за тетоважи на етничката група Калинга, кои живеат во провинцијата Калинга на Филипините.

Кога за прв пат се појавила традицијата, тетоважите им биле давани само на домородните воини во Бутбут, кои убиле некого во битка. Во денешно време, сепак, мастилото е достапно за сите и секоја година туристите го преплавуваат регионот за да пробаат да добијат една од славните и уникатни тетоважи на Ванг-Од.

Тетоважите се создаваат со употреба на јаглен, кој Ванг-Од ги навлекува во кожата со помош на чекан и трње собрано од каламанси или овошни дрвја од помело. Дизајните вклучуваат модели слични на змија, стоногалки, скалила и броеви, меѓу другите и секој дизајн е симболичен.

Ванг-Од е самата покриена со тетоважи, при што за една рака да биде целосно завршена е потребен еден ден. Кога била тетовирана од глава до пети, нејзиниот татко се радувал и убил свиња за да прослави.

Уметницата никогаш не се омажила и го изгубила својот сакан за време на јапонската окупација. Таа нема деца, па затоа ја учи својата внука да ја продолжи традицијата на тетовирање во племето. Ванг-Од, наводно, верува дека таа практика може да ја пренесе само на сопствената крвна линија, затоа што ако некој надвор од племето би ја продолжил традицијата, тетоважата би била заразена.

Патувањето за да се види Ванг-Од не е мал подвиг, и вклучува 15-часовно возење северно од Манила до планинското село Бусџалан, кое е достапно само со пешачење по земјен пат.

Сепак, туристите го прават долгото патување со желба да добијат една од традиционалните тетоважи, при што некои велеа дека Ванг-Од ја стави Калинга на филипинската мапа на места што мора да се посетат за локални и странски посетители.

Како знак на учтивост, посетителите се охрабруваат да донесат подароци за нивниот домаќин, како што се храна, лекови и кибрити, сите овие се неопходни за секојдневниот живот на локалното население.