12 непишани правила за летање со авион што луѓето постојано ги игнорираат
Патувањето со авион може да биде вистинско искушение. Не зборуваме само за доцнења или турбуленции – туку и за манири. Иако делиме мал, затворен простор со куп непознати, некои патници очигледно забораваат на основите на однесување. Еве ги 12-те непишани правила кои ќе ве натераат да си помислите: „Како никој не им го кажал ова?!“
1. Наслонот за раце не е твоја лична сопственост
Седиш покрај прозорецот или на крајот до ходникот? Супер. Но тоа не значи дека треба да го заземеш и единствениот наслон што му останал на патникот во средината. Тој е на најнеудобната позиција – барем дозволи му малку простор да се потпре. Не му ја прави борбата за преживување уште потешка.
2. Драмата со навалување на седиштето
Да, сите сакаме да се опуштиме – ама навалувањето на седиштето не треба да биде нагло и без размислување. Ако човекот зад тебе јаде, работи на лаптоп или едноставно не очекува твојата столица да го нападне — ќе дојде до конфликт. Само едно „Извини, дали ти пречи ако ја навалам седалката?“ може да го спаси целиот лет.
3. Слушалки = мир во кабина
Твојата плејлиста од 90-тите не треба да биде саундтракот на целата кабина. Ниту TikTok, ниту телефонскиот разговор со твојата тетка. Стави слушалки. И ако звукот се слуша и покрај нив – веројатно не си го намалил доволно. Очекувај погледи што убиваат.
4. Нозете на под – и по можност не по чорапи
Разбирливо е, сите сакаме да се опуштиме – ама нозете не треба да бидат на седиштето пред тебе, особено не боси. А кога ќе почне и непогрешливата арома да се шири низ авионот… катастрофа. Држи ги нозете на подот и чувај ги твоите ароми за дома.
5. Излегувањето од авион не е трка
Само што слетавме – и веќе некој од последниот ред се турка напред како да се дели злато. Стани кога ќе дојде твојот ред. Оние пред тебе не се пречки, туку само патници кои биле поблиску до вратата. Стрпливост = достоинство.
6. Тоалетот не е за тепачка
Ако количката со пијалаци е на средина на патеката, седи си. Ако има ред, не се туркај. Ако вратата е затворена – не ја буткај како да е изгубениот влез во Нарнија. Тоалетот ќе биде тука и по 2 минути. Мала доза стратегија и многу трпение – ќе ти се исплатат.
7. Плачливите бебиња не се злонамерни
Да, некогаш бебе плаче цел лет. Да, нервозно е. Но верувај – родителите страдаат повеќе од сите нас. Наместо да се лутиме, дај им поддршка или барем не ги осудувај. А ако навистина не можеш да поднесеш, стави си слушалки и запомни: и бебето не сака да биде таму.
8. Стјуардесата не ти е личен батлер
Копчето за повик не е магично ѕвонче за кафе. Ако не е итно – чекај ја количката со пијалаци. Екипажот работи под стрес и веќе има премногу обврски. Не им додавај работа за твоите каприци.
9. Просторот за багаж не е твој плакар
Горните прегради се за сите. Ако си носиш цела гардероба, бидува. Ама не мора сè да биде таму горе. Дел од работите стави ги под седиштето. Ќе оставиш простор и за другите, и нема да те гледаат како непожелен гостин.
10. Салон за опуштање? Не, ова е економска класа
Да, седиштата се тесни. Но не значи дека треба да се рашириш како да си дома. Ако човекот до тебе е залепен за прозорец или гледа со очи полни молба – намести се подобро. И ако имаш долга коса – не ја фрлај преку на предното седиште. Тоа не е Спа центар.
11. Не форсирај разговор
Некој гледа филм? Со слушалки е? Гледа низ прозорец како да го бара смислата на животот? Тоа значи – не сака муабет. Ако некој сака да зборува, ќе даде знак. Во спротивно – уживај во тишината.
12. Мириси: помалку е повеќе
Парфемот ти е моќен? Одлично. Но во авион со рециклиран воздух – може да биде гушење за другите. Истото важи и за јаки храни – лук, туна, бурек со месо… Се разбира, можеш да јадеш што сакаш, ама понекогаш „без мирис“ е најдобриот вкус за сите.
Коментирај анонимно