2 месеци затворена улица во Кисела Вода и никој не мрда ни со прст

Ви ја пренесуваме реакцијата на крајно изреволтиран жител на Кисела Вода:

Улица „Мариовска“ е затворена за сообраќај безмалку 2 месеци. После повеќе сообраќајни незгоди во рок од само неколку дена и изгледаше логично да се направи тоа.

Но, после 2 месеци поминати, исто така изгледа логично одговорните кадри да преземат нешто за (конечно) квалитетно санирање на тие ~70 метри асфалт, за да може целата населба, а со тоа и околните населби нормално да функционираат во
еден главен град во годината 2025-та.

Ова е клучна делница за голем број население затоа што опслужува голем број на возила кои редовно циркулираа(т) одовде, доаѓајќи од погорните населби, почнувајќи од Сопиште, па следните понатаму.

Во шпиц-часовите од денот, а особено во тек на школска година, бројот на возила е значително зголемен.

Во прилог илустрација како тоа отприлика изгледа и колку значи разликата помеѓу најдобрата рута и моменталната рута на која што се приморани сите жители да сообраќаат.

Важноста се состои од двата главни фактори:
– самата должина на возење; и
– беспотребното оптеретување на сообраќајот низ Припор

Еве пример и од тоа за колкава должина асфалт се работи, а што треба да се санира, односно – да се направи нов, прописен!

Ова се фотографии од состојбата пред неколку недели.

Како што можете да видите, последното т.н. санирање беше изведено со нафрлен бетон, буквално.

Мене ми личи дека врската помеѓу асфалт и бетон не е баш идеална. Или можеби, ако имаше некои парчиња железо во целиот тој склоп…

Сè на сè, и минатиот пат долго време се чекаше за санација, за тоа на крај да заврши со комплетно незадоволителен резултат.

Впрочем, затоа пак настана свлечиште.

Бидејќи одговорните очигледно немаат слух за целата ситуација, а исто така, очигледно кај нас работите функционираат на принцип на срам – би оддал еден апел со кој сум прилично убеден дека сите засегнати ќе се сложат.

Секој пат кога некој од градските/општинските власти ќе заврши работа за која е задолжен – тоа се вести.

Еве, јас имам 20 години работно искуство, па ниту еднаш не пиша некој на вести за мене…

Кон таа нота, ајде нека биде вести и кога некој не си ја завршил работата.

Ако воопшто го поправате патот – направете го еднаш, ама прописно!

Ако не можете самите – ние ќе помогнеме.
Само на мојата улица има еден архитект, познавам уште пет луѓе во околина што се искусни мајстори. И материјалот сами ќе го купиме, само тргнете ги бетонскиве блокади и ќе го средиме за три дена, гарантиран рок!

На крајот на краиштата, трасата е сè уште проодна за возила со високо подвозје. Тргнете ги бетонските блокади, ќе одиме на сопствен ризик, не бараме одговорност ако некој скрши бандаж или зглоб како кутрите луѓе на почетокот на Јуни, пред да се затвори патот. Само нека стои знак за предупредување, да биде по прописи.

И онака сме оставени на свое, зарем не?
Големи сме, ќе се снајдеме…

Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.