3-годишно девојче кое преживеа 65 часа под урнатините по земјотресот во Турција го прати првиот поздрав
3-годишната Елиф Перинчек вечра беше извадена од под урнатините предизвикани од силниот земјотрес што го погоди турскиот егејски брег. Хероината поминала 65 часа под урнатините по земјотресот во подрачјето Бајракли во западната област Измир.
23 часа по земјотресот од под урнатините било извлечено и семејството на Елиф, мајка ѝ Сехер Дерели Перинчек, десетгодишните близнаци Езел и Елзем, како и седумгодишниот Умут. За жал Умут починал, а останатото семејство сѐ уште е во болница.
Пожарникарите не изгубиле надеж кога пронашле дел од семејството и продолжиле да трагаат по Елиф. Кога ја извлекле малата Елиф цврсто го држела за прст пожарникарот Муамер Челик, кој вели дека никогаш не изгубил надеж.
За среќа Елиф се чувствува подобро и од Универзитетската болница „Еге“ објавија фотографија од Елиф од нејзиниот болнички кревет од каде таа праќа поздрав.
Денес 91 час по земјотресот е спасено уште едно мало девојче, по име Ајда Гезгин, и таа е 107. лице спасено од урнатините.
Во силниот земјотрес што го погоди Егејскиот регион на Турција, загинаа 91 лице, 994 се повредени, од кои 829 се пуштени на домашно лекување, додека 155 сè уште се на болничко лекување.