60-годишната руска пензионерка реши да си го промени животот и стана фото-модел

Опишувајќи се себеси, Елена Лунева од Санкт Петербург пред сè вели дека е пензионерка, а дури потоа додава: и фото модел.

Животот на баба Елена од Санкт Петербург ѝ се одвивал доста успешно. Таа е дипломиран градежен инженер, а прва работи ѝ била во институт за дизајн. Се омажила за колега од работа, родила две деца.

За време на перестројката, институтот пропаднал, па жената отишла на курс за сметководство, успешно го завршила и се вработила… До 54-та година од животот таа работела како главен сметководител. Само во тоа време работата не ѝ претставувала никакво задоволство.

„Сфатив дека повеќе не сакам да работам главен сметководител. Се разбира, изгубив пари, но колку беше вредно тоа што го добив: смиреност и независност. На 56 години се зачленив во фитнес клуб и започнав да вежбам јога. На 59 години го видов Игор Гавар (основач на агенција за возрасни модели) на една ТВ емисија и помислив: Ова е за мене!“

Елена се обидела да влезе во агенцијата, но поради аматерското портфолио никогаш не ѝ одговориле. Наскоро, упорната госпоѓа стигнала до фото-сесија на пријател на познаник, кој тогаш студирал за да биде професионален фотограф. Резултатите биле неверојатни.

„Овој пат испратив професионални фотографии до агенциите“ и една од нив, „Мадам Моделс“ ме покани за соработка. Така, на 60 години станав модел…“

Оттогаш, поминаа едвај три години, но портфолиото на баба Елена е надополнето со многу фотосесии за десетици различни брендови. Сега бабата работи со агенцијата за модели „GoldenAge“.