80 години од основањето на Првиот скопски партизански одред, Скопје се сеќава на народните херои

Одредот е формиран по одлуката на илегалното Јунско советување на Скопската организација на КП во Македонија за почеток на вооружената борба. Одредот бил формиран од 12 борци, од составот на петте дотогашни скопски диверзантски групи.

Во неговиот борбен пат му се приклучиле вкупно 42 борци, со мешовит национален состав: Македонци, Срби, Албанци, Турци, Црногорци, Хрвати и Чеси, од кои 17 го загубиле животот во текот на војната, а од нив тројца:  Александар Урдаревски, Раде Јовчевски-Корчагин и Боро Петрушевски се прогласени за народни херои.


Првиот скопски народноослободителен партизански одред т.е првата партизанска единица на НОВ во Македонија, е формиран е на 22 август 1941 година кај месноста Чифлик во близина на Скопскиот градски парк и опстојувал до 2 ноември 1941 година.

Прв командант на одредот бил Чедомир Миленковиќ, а потоа, од 18 до 31 октомври, Љубомир Лековиќ. Политички комесар на одредот бил Даме Крапчев.


Првите 12 партизани кои на 22 август го формираат Скопскиот партизански одред се: Даме Крапчев – Стари, Чедомир Миленковиќ – Мирко, Боро Боцевски – Боте, Невена Георгиева – Дуња, Благоја Деспотовски – Шовељ, Раде Јовчевски – Корчагин, Стерјо Кранго – Дучо, Павле Момчиловиќ, Боро Ончев, Александар Смилковски, Светозар Томиќ и Боро Трајковски – Ѓуро.

Град Скопје денеска ќе ја одбележи 80-годишнината од основањето на Првиот скопски партизански одред со положување на цвеќе пред Споменикот на Првиот скопски партизански одред во населбата Карпош 3, со кино проекција на филмот „Ослободувањето на Скопје“, во режија на Раде и Данило Шербеџија и со настапи на Академскиот хор „Мирче Ацев“ и Академскиот хор „Оро“ од Ниш