Најстарата жива личност на светот, ќе го носи олимпискиот оган во Јапонија

Најстарата жива личност на светот ќе добие чест да го носи олимпискиот оган во Јапонија овој мај. 118-годишната Кејн Танака, ќе го земе пламенот додека минува низ нејзиниот роден град Шиме, во јапонската префектура Фукуока. Семејството на Танака ќе ја турка во инвалидска количка за поголемиот дел од нејзината рута, но сепак 118-годишната жена е решена да ги направи последните неколку чекори сама.

Танака, која од своето семејство добила нов пар патики за настанот имала прилично бурен живот и видела многу работи. Двапати преживеала рак, Танака исто така преживеала две глобални пандемии и две светски војни.

Родена во 1903 година, Танака имала четири деца со нејзиниот сопруг, сопственик на продавница за ориз со кој се омажила на 19-годишна возраст. Работела во семејната продавница до 103 години, живеејќи да види пет внуци и осум правнуци.

Денес, Танака живее во дом за стари лица и за жал, нејзиното семејство не може да ја посети веќе 18 месеци поради пандемијата со коронавирус. За неа се вели дека обожава газирани пијалоци и ужива да ја игра стратешката игра Отело.

Семејството на Танака вели дека нејзината желба да игра математички и логички игри го одржало нејзиното тело и дух во добра форма. Нејзиниот внук Еиџи Танака, кој сега е во 60-тите години вели: „Одлично е што таа ја достигна таа возраст и сè уште може да продолжи со активниот животен стил – сакаме другите луѓе да го видат тоа и да се чувствуваат инспирирани, а не да мислат дека возраста е пречка.“

Танака е скоро стара како модерните Олимписки игри, кои започналр во 1896 година. Кога Токио последен пат ги одржал Олимписките игри во 1964 година, Танака имала 61 година. Кога ќе се земат предвид и летните и зимските игри, Олимпијадата во 2021 година ќе ја одбележи 49-та во нејзиниот живот.