Поучна приказна: Вдовицата и двата леба
Сиромашната вдовица живеела сама додека нејзиниот единствен син заминал да си ја бара среќата во туѓина. Неколку години по ред неговата мајка не добила никакви вести за него. Таа била многу загрижена за својот син и секој ден упатувала молитви до Бога за да се врати дома здрав и жив.
Еден ден, жената одлучила дека нејзините молитви не се доволни и дека е добро да ги поддржува со милостиња за сиромашните. Така, таа почнала да пече по два леба секој ден, оставајќи го едниот за себе, а другиот го ставала во торба и ја обесувала пред вратата. Кога сиромашните поминувале го земале лебот и упатувале благослови.
Едно утро додека ја закачувала торбата со вториот леб жената забележала парталав старец кој се „вртка“ околу портата. По некое време се приближил и го земал лебот. Но, наместо зборови на благодарност и благослови старецот промрморел: „Секое зло што го правите останува со вас. Секое добро се враќа кај вас.“
Наредните неколку дена истата работа продолжила да се повторува и жената се изнервирала: „Не е доволно што тој доаѓа рано да ги престигне сите други и не остава никој освен него да земе од лебот, но тој не кажува ниту добар збор! Само некои глупости кои ги мрмори под носот …“
Поминале неколку седмици, а однесувањето на сиромашниот старец било исто. Жената повеќе не можела да го поднесе сето тоа и решила да се ослободи од него: „Повеќе не можам да го издржам овој гаден старец. Ќе ставам отров во лебот и ќе се ослободам од него.“
Но, наутро кога го месела отровниот леб, рацете почнале да ѝ се треста од мака и си рекла: „Прости ми Боже, јас сум глупава жена која не знае што прави.“ Таа замесила нов леб без отров и повторно го закачила на вратата, а сиромавиот старец повторно како и секое утро дошол да го земе.
„Секое зло што го правите останува со вас. Секое добро ќе ви се врати “, повторно мрморел тој.
Таа вечер жената слушнала како некој ѝ тропа на вратата. Кога отворила таму стоел нејзиниот син, изнемоштен, слаб, со скината облека.
„Мамо чудо е што се вратив дома! Веќе бев близу до дома, но бев толку исцрпен и гладен што паднав на патот, кога се освестив еден сиромашен старец ми даваше вода и леб. Ми го даде целиот леб иако најверојатно тој му бил за цел ден.“, ѝ објаснил синот.
Жената била многу изненадена од враќањето на нејзиниот син, но кога ги слушнала неговите зборови таа пребледела. Сфатила за кој старец ѝ зборува и дека за малку ќе го отруела сопствениот син. И се сети на зборовите на старецот кои толку многу ја вознемирија … „Секое зло што го правите останува со вас. Секое добро се враќа кај вас “.