Сте слушнале ли за Стефан „Железниот“ од Битола? Човекот кој освен врвен спортист бил и неверојатен борец!
За некои луѓе од македонската историја ретко слушаме, а заслужуваат да бидат запаметени поради неверојатните работи кои ги направиле за оваа земја. Таква е и приказната за овој битолчанец, кој на повеќе од еден начин успеал „да ѝ служи на татковината“.
Во 1865 година, во селото Долно Врбени, во Егејска Македонија се родил еден јунак кој ја воздигна борбата, боксот, атлетиката и многу други спортови. Стефан Ролев бил високо и атлетски развиено момче, па затоа го добил прекарот „Железниот“.
„Железниот“ јунак

Стефан во 1901 година се вклучил како комита во четата на војводата Марко Лерински. Тој во илинденскиот период постигнал забележителни успеси и бил познат по неговата суровост кон непријателите. Едно е сигурно, Ролев бил човек кој што знаел како да преживее. За време на борбите Ралев се стекнал со повеќе воени вештини, а уморот од прекумерната обука го челичат неговото тело
Во тој период бил познат како војводата Бигленски и Лерински. Неговиот животен век на крајот докажал дека тој навистина бил не „железен“, туку „челичен“, но за тоа ќе ви раскажеме понатаму. По востанието и демобилизирањето на четите Стефан одлучил да се посвети на спортот.
Го обиколи светот, но повторно се врати во татковината

Со група спортисти Ролев патувал по европските земји и во САД, каде што добро се запознал со гимнастичките системи и спортот. По враќањето во Македонија, најголемиот дел од животот го поминал во Битола, каде организирал спортски настани. Во 1908 година во Лерин го основал гимнастичкото друштво „Бигленски јунак”, а набрзо во Битола го основал и раководел гимнастичкото друштво „Пелистерски јунак”.
Во Битола, уште во времето на младотурскиот режим, Стефан го организирал и првиот бокс-меч. Мечот го одржал со спаринг партнер, кој боксерската вештина ја научил за време на престојот во Индијанополис во САД. Интересен е фактот дека бокстерските ракавици ги подарил битолскиот апотекар Крсте Франго, а браќата Манаки со својата камера 300“ го овековечиле моментот.
Самиот Ролев го привлекувал вниманието благодарение на своите вештини: кршење камен на градите, виткање железо, акробатски вежби на велосипед. Тој во 1911 година за малку ќе скршнел од патот на спортот кога сакал да изврши атентат на султанот Мехмед V за време на неговата посета на Битола, но бил спречен во намерата.
„Турците ме нарекоа човек-ѕвер!“

Една негова изјава за време на интервју ќе остане за сите генерации: „Бев терорист, ја пренесов бомбата по тајниот ходник до Отоман банка, комита, војвода и мировен судија за нашето население. Го ликвидирав Али Черкезот наречен `Лерински тиранин`, злогласениот Ибраим наречен `крволак`. Турците ме нарекоа „човек – ѕвер“. Оти бев многу силен, вистински гладијатор, бестрашен и ризичен тип, склон кон авантури. За Македонија жив во оган ќе влезев, ако тоа Организацијата ми го наредеше. Но истовремено ги проучував фискултурните системи на Англија, Швајцарија, Шведска, Данска, Норвешка, Полска и Чехословачка. Давав јавни –атлетски приредби со учениците за Битолчани… Мислам дека мојот живот корисно го одживеав, ставајќи го на олтарот на Македонија.“
Тој и на поодмината возраст не се откажувал од спортот и соработувал и огранизирал многу спортски манифестации. Децата го обожавале „Дедо Роле“ кој раскажувал забавни приказни за неговите возбудливи авантури. По сѐ што преживеал во животот Стефан навистина докажал дека е „железен“, затоа што живеел 104 години и 131 ден. Тој починал во Битола, во 1969 година.
