Дали знаете кои биле имињата на македонските градови во минатото?
Денес секој Македонец ги знае имињата на градовите. Во државата официјално има 34 градови од кои 5 се поголеми. Иако градското население во Македонија процентуално е големо, податокот дека во градското подрачје на Скопје живееe околу 30% од населението во земјата и не е баш позитивна работа.
Сепак сите овие градови во кои Македонците живеат денес не биле исти пред еден или повеќе векови. Тие носеле други имиња кои полека се забораваат. Но, ајде да се потсетиме како биле старите имиња на градовите низ Македонија.
Астибо

Пајонскиот град Астибо се вбројувал меѓу поголемите и позначајни старопајонски градови во источна Македонија. Да станува збор за градот Штип. Македонскиот крал Александар Први околу 360 година п.н.е. го приклучил ова подрачје кон античко-македонското царство. Но, ова не е единственото античко име на Штип. Во доцната антика и во раниот византиски период, населбата постоела под името Стипеон, дури во 6-7 век го добил своето име по кое го знаеме денес.
Калкандели

Ретко кој ќе го поврзе Калкандели со Тетово, но така е. Исто така градот бил познат и со формите Тетовен и Тетевен. Според легендата името го добил откако храбар маж по име Тето со меч ја убил големата змија од која сите се плашеле. Оттогаш, според легендата, местото каде што била убиена змијата со меч и штит, (калкан), било наречено Калкандели, а градот, (на турски), – Калканделен. Во сеќавање на јунакот Тето, пак, месното население населбата ја нарекло со името Тетово.
Лихнид

На местото на денешен Охрид некогаш се наоѓал градот Лихнид. Постојат многу остатоци од овој прекрасен град кои не можат да бидат откриени поради населувањето на градот Охрид. Еден таков спомен од минатото е античкиот театар изграден пред околу 2000 години или во доцниот македонски период, а е ситуиран под Самоиловата тврдина блиску до Горната порта на источнот дел на ридот во Охрид.
Антигонеа

Археолошкиот локалитет „Градиште-Антигонеа“- Неготино се наоѓа на северниот влез на градот Неготино. Во времето на раната антика населбата на ридот Градиште се урбанизира и пререаснува во развиен центар, со бедеми кои заградуваат простор од околу 3,5 хектари. Се верува дека станува збор за градот Антигонеја, основан од македонскиот крал Антигон Гонат, во 3 век п.н.е.
Стенае

Старата градска населба, што се наоѓала на просторот на денешна Демир Капија имала посебно значајна стратегиска и воена позиција во минатите епохи. Пронајдени се цели системи на утврдувања, исто така наоди од керамика од класичното и хеленистичкото време и неколкуте хеленистички монети укажуваат дека таа била користена многу векови пред римската доминација.
Ќупурли

За време на Отоманското Царство градот Велес се нарекувал Ќупурли. Во периодот на Југославија неговото име било Титов Велес, во чест на маршалот Јосип Броз – Тито.
Ускуп

На 19 јануари 1392 градот Скопје го зазеле Османлиите и тогаш тој го добил името Ускуп. Античкото име на градот Скупи им е познато на голем број на луѓе.
Обител

Словенскиот назив за градот, Битола, потекнува од зборот Обител кој за време на средниот век се користел за заедница на монаси, односно манастир. Името го добил по многуте манастири што се наоѓале во градот и во околината, а некои постојат и денес.
Ускана

Со Ускана може да се поврзе градот Кичево, односно во кичевската котлина. Уште не се знае каде точно во котлината се наоѓал за да се разреши мистеријата.
Белика

Гостивар како селска населба се споменува за време на Душановото царство, во една повелба на цар Душан од 1331-1340 година, под името Белика, според средновековното име на реката Вардар.
Доколку и вашиот град има интересно име од минатото, споделете го со нас во коментарите!
