Која е вистината за Крали Марко? Еве како починал јунакот од приказните и легендите кои го обележаа

Крале Марко, Марко Крале, Крали Марко, наречете го како сакате, но скоро и да нема човек кој не слушнал за овој јунак. Иако најголем дел од луѓето мислат дека Крали Марко е само дел од фолклорот, сепак тој не е само дел од некоја измислена народна приказна.

Што вели историјата за Крали Марко?

Крал Марко бил еден од четирите синови на кралот Волкашин и неговата сопруга Евросима (Елена). Освен браќата Андреаш, Иваниш и Димитри, Марко имал и сестри: Оливера, Милица, а во усните преданија се спомнуваат и Марија, Угра, Кита, Ѕвезда, Дева, Вида, Угра, Шаина и Беда. Крали Марко имал и две жени, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник.

Главниот град на Крали Марко секако бил градот Прилеп. Набрзо по Маричката битка во 1371 год Марко седнал на престолот и станал формално-правно совладетел на царот Урош. Според некои научници, тој бил и единствениот легитимен наследник на Душановото царство, по смртта на Урош и замирањето на династијата Немањиќи.

Како што Османлиите вршеле притисок на Балканот така и Крали Марко не можел повеќе да дава отпор. Тој ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да ѝ служи на турската војска во нејзините воени походи. Сепак луѓето многу го сакале затоа што се верува дека за разлика од другите региони тој обезбедил поголема независност за својот народ.

Како загина големиот јунак?

Турскиот султан Бајазит I бил во конфликт со влашкиот војвода Јован Мирче. Крали Марко застанал на страната на султанот и на 17 мај во 1395 година учествувал во битката кај Ровине. Во оваа битка јунакот загинал. Но, останува мистерија за тоа што се случило со неговото тело. Според Мавро Орбини, Крале Марко ја загубил битката против Мирче крај Кралево, а потоа побегнал во некоја шума каде, по грешка, бил убиен од некој Влав кој мислел дека се работи за ѕвер.

Едни велат дека неговото тело е закопано во близина на Скопје, во манастирот Блачани, но други експерти веруваат дека мермерната плоча од ѕидот на трпезаријата во Марков манастир зборува дека тука се наоѓа гробот на Крали Марко.

Според преданието, пред самата битка Крали Марко му ги рекол на деспотот на кумановско-кратовската област Константин Дејанов, кој се борел заедно со него, овие зборови: „Го молам Бога да им помогне на христијаните, а јас прв да загинам во таа борба“.

Легенда за Крали Марко: Марко Крале и црна Арапина

Рано наутро, на Велигден, Крале Марко тргнал да оди во Света Гора за да се причести. Бидејќи в црква не се оди вооружен, а за да се заштити од евентуални неволји по патот, неговата итра мајка му ја скрила сабјата во гривата на Шарец.

Патем, Марко го видел црна Арапина како води три синџири со робови: едниот синџир со мали деца, вториот со убави девојки, а третиот со млади момчиња. Притоа, дечињата плачеле и Марко се нажалил, па го замолил Арапот да ги пушти робовите, но тој му се заканил дека ќе го стави напред за да ги води робовите.

Тогаш, Марко се налутил и тргнал назад за Прилеп за да си го земе оружјето, а притоа силно ги забодел мамузите во белите дробови на Шарец, така што на коњот му протекла крв. Затоа, Шарец му кажал на Марко за скриената сабја во неговата грива и тој се вратил назад кај црна Арапина, предизвикувајќи го на двобој.

Црна Арапина го фрлил боздоганот, но Крале Марко го дочекал в раце и со него го удрил Арапот меѓу очите. Црна Арапина паднал од коњот и Марко му ја пресекол главата и ги ослободил робовите, давајќи им пари за да си купат леб додека патуваат до својот дом.

Кога Марко пристигнал во Света Гора, веќе било доцна и црквата била затворена, а калуѓерите му се потсмевале, велејќи дека сигурно ноќеска Марко се испијанил, па затоа доцнел на причесната. Марко им раскажал за тоа што му се случило, но калуѓерите не му верувале и продолжиле да му се потсмеваат. Затоа, тој им ја покажал главата на црна Арапина, а калуѓерите се исплашиле и повторно ја отвориле црквата, служејќи литургија во чест на Марко.

Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.