6 помалку познати манастири низ Македонија обвиткани во божествена природа

Македонија е држава која изобилува со прекрасни цркви и манастири, а голем дел од нив се меѓу нас со векови. Но, иако на сите нис е добро познати прекрасните манастири и цркви низ Охрид, Свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка или пак Бигорскиот манастир во Маврово, сепак бидете сигурни дека во вашата околина постои некој мал манастир кој нуди рај и спокој за душата благодарение на прриродата која го опкружува. Доколку сте личност која сака да ужива во духовниот мир од сите аспекти погледнете ги овие 6 манастири низ Македонија кои можете да ги посетите уште утре.

Манастир Света Троица, село Скачковце

Селото Скачковце се наоѓа во областа Которлак, оддалечено 15 километри јужно од Куманово и 27 километри северно од Свети Николе. Манастирскиот комплекс можете да го најдете на ридот на селото. и се состои од конак, 12-метарски крст, библиотека, камена кула, статуи на Богородица, Свети Климент, велигденско јајце од 3 метри, мини зоолошка градина и многу други убавини кои ќе им се допаднат на посетителите.

2-метарскиот крст кој се наоѓа на имотот бил пронајден и реконструиран во 1996 година, а самиот манастир е изграден од познати вевчански мајстори по повод 2000 години од христијанството и осветен во 2001 година.

Манастир Свети Илија, село Дрен

На само 30 км од Прилеп по патот Прилеп-Градско ќе треба да скршнете кај село Беловодица и преку селата Царевиќ и Смолани за да дојдете до ова прекрасно место. Тука нема да најдете мобилна мрежа, но затоа во манастирот ќе најдете мир, а во прекрасната природа спокој. Исто така има и прекрасни птици како пауни и гулаби кои можат да се видат во овој манастир.

Манастир Свети Архангел Михаил, Берово

Женскиот манастир посветен на Свети Архангел Михаил се наоѓа на излезот од Берово, на патот што води кон браната и езерото. Црквата со голем трем, изградена во архитектурен опус од XIX век, доминира во манастирскиот двор. Манастирот е отворен за духовните потреби на посетителите и дефинитивно не е нешто што треба да се прескокне при посета на Берово.

Манастирот Свети Никола Шишевски, Матка

Ова е искачување кое се исплати за трудот. Манастирот Свети Никола Шишевски, е сместен високо на една зарамнета тераса на карпите, над десниот брег над вештачкото езеро Матка над реката Треска. До манастирот може да стигнете само пеш, од три правци: од мостот на реката Треска во близина на кајакарските терени кај манастирот Света Богородица вo Долна Матка (половина час пешачење); од селото Шишево околу 1 час, а од врвот на Водно повеќе од 3 часа.

Датумот кога е изградена црквата е мистерија. Се претпоставува дека била изградена или обновена во 1345 година од страна на поп Ненад и други ктитори. Погледот кој го нуди оваа место навистина воодушевува, а и самиот пат до таму.

Манастир Света Ана, село Маловишта

Националниот парк Пелистер, среде букова шума, на надморска висина од 1400 метри и на 2 километри од селото Маловишта, го „крие“ манастирот посветен на мајката на Пресвета Богородица, Света Ана. Постојат извори кои сведочат за неговото постоење уште во средината на 18 век. Денешната црква, пак, е изградена во 1936. За овој манастир се верува дека парови на 6 наспроти 7 август треба да преспијат во просториите на црквата „Света Ана“, а таа ќе ги слушне и исполни нивните молитви и ќе ги успокои и израдува нивните души, односно за да можат да добијат дете.

Манастирски комплекс Зрзе

Овој манастирски комплекс го нарекуваат „македонските Метеори“, односно карпи во воздухот. Зрзе се наоѓа речиси на 1.000 метри надморска височина, на јужните падини на планината Даутица. Тој е лоциран на 34 километри северозападно од Прилеп, во близина на селото Зрзе. Монаштвото тука датира од 9-тиот век, а недопрената природа која води до манастирот нема да остави никој рамнодушен.