5 значајни настани кои се случиле во Македонија на денешен ден
Секој ден од годината освен за сегашноста сведочи и за минатото. На денешен ден пред повеќе или помалку години се случувале важни работи кои вредат да бидат запишани во историјата, биле родени важни луѓе за нас, но и можно е да сме изгубиле и важни луѓе за Македонија. Ви претставуваме 5 настани кои некогаш се случиле на денешен ден.
Ден на сесловенските просветители
Денот на браќата Кирил и Методиј е државен празник. Празникот е во чест на Св. Кирил и Св. Методиј, основачите на првата словенска азбука – глаголицата. Овој ден за прв пат во Македонија бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје. Доколку некогаш сте се запрашале: „Зошто баш 24 мај?“ Тогаш треба да знаете дека на 24 мај е датумот кога започнала Моравската мисија.
Починал последниот шпански борец од Македонија
Цветко Узуновски – Абас бил македонски комунист, учесник во Шпанската граѓанска војна и во НОБ и истакнат функционер по ослободувањето. Познат е по тоа што бил последниот преживеан шпански борец од Македонија. Контроверзно за Узуновски е што во 1953 е деградиран од функцијата министер за внатрешни работи, затоа што имало аферата со крадење злато и градењето луксузна вила во Отешево, и информациите дека Узуновски соработувал со Гестапо во Загреб во летото 1941 година. Тој од 1963 станува началник на Управата за народна одбрана во Државниот. Починал на 24 мај 1994 на 81 година.
Роден е Александар Христовски
Александар Христовски од Лазарополе бил познат македонски поет и преведувач. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел како управник на Центарот за странски јазици при Работничкиот универзитет „Кочо Рацин“ во Скопје. Роден е на 24 мај 1933 година, а починал во Скопје, на 23 јануари 2000 година. Негови познати дела се Коњи под месечина (поезија, 1957), Корија (поезија, 1972), Којче од Коњари (поезија за деца, 1989).
Првата македонска опера
Во 1954 година во Скопје, на сцената на скопската опера била изведена првата македонска национална опера „Гоце“, од македонскиот композитор Кирил Македонски, според текст на основоположникот на македонската литература Венко Марковски. Изведбата била под диригентската палка на Тодор Скаловски, режисер бил Петре Прличко.
Соседите барале обесштетување
Министерството за надворешни работи на Романија соопштило дека Грција, Бугарија, Молдавија, Романија и Украина, во согласност со членот 50 од Повелбата на Обединетите нации, до Советот за безбедност упатиле барање за итно обесштетување на штетите што ги трпат од санкциите против Сојузна Република Југославија, од која тогаш била дел и Македонија.