Еве какви неверојатни животни го населувале велешкиот крај пред 23 милиони години

Сега ние скоро точно знаеме какви животни ја населуваат Македонија и околината. Свесни сме за нашата денешна флора и фауна, но забораваме дека многу одамна планетата и овој дел од светот бил многу „поразновиден“. Вакви остатоци од минатото можат да се најдат во Велес, поточно од доцниот миоцен.

Во околината на Велес постојат неколку исклучително важни фосилни наоѓалишта од доцниот миоцен. Миоценот е геолошка епоха која го покрива периодот пред 23 до 5 милиони години. Во тој период, на Балканскиот полуостров владеела потопла клима од денешната, што овозможило развој на богат животински свет. Таа фауна била многу слична на онаа што денес можеме да ја видиме на африканските савани. Од велешките наоѓалишта дознаваме дека во овој регион, вклучувајќи го и Овчеполието, постоеле носорози, жирафи, слонови, хиени, како и некои необични животни за кои не постојат модерни аналози.

Сликите од реконструираните животни се вметнати во позадини кои се дел од сегашната природа во село Мустафино и околината. Благодарение на @villageofmustafino можеме да дознаеме многу повеќе за природата и животните кои некогаш талкале по нашата земја.

Степско пони (Hipparion spp.)

Hipparion е истребен род на коњи, кој живеел во Северна Америка, Азија, Европа и Африка од почетокот на миоценот до плистоценот, т.е., до пред 800000 години. Населувал отворени, тревести рамнини, прерии, и степи. Hipparion бил висок околу 1,4 метри до рамото и во изглед наликувал на модерниот коњ.

Ѕверокоњ (Anisodon spp.)

Anisodon растел во висина од 1.5 метри до рамената, а тежел околу 600 килограми. Имал релативно кратки задни нозе со КОПИТА и долги предни нозе со огромни КАНЏИ! И покрај таа нехармоничност, Anisodon бил многу добро прилагоден на миоценската средина. Долгите нозе му овозможувале да достигне високи гранки, а со канџите ископувал корења и клубени.

Балкански гепард (Yoshi garevskii)

Yoshi бил мачка со средна големина, приближно помеѓу рис и пума. Анатомски бил многу сличен на денешниот гепард (Acinonyx jubatus).

Српозаб (Deinotherium gigantissimum)

Неговото научно име значи “ужасен џиновски ѕвер”. Името се повикува на самата големина на ова слонолико животно. На пример, мажјаците, кои воглавно биле покрупни од женките, растеле до 5 метри во висина! Единствен копнен цицач поголем од Deinotherium бил гигантот Paraceratherium од олигоценот на Евроазија.

Четиризабец (Tetralophodon atticus)

Tetralophodon бил слонолико животно, кое ги населувало Европа, Азија, и Африка од доцниот миоцен па се до средниот плиоцен. Како и гомфотерите (фам. Gomphotheriidae), со кои бил во блиско сродство, и Tetralophodon имал четири кљови. За Tetralophodon се верува дека бил висок 3.45 метри до рамото и тежел десетина тони, што значи бил поголем од денешниот азиски слон.

Степски мајмун (Mesopithecus pentelicus)

Mesopithecus е изумрен род на мајмуни, кој живеел во Европа и Азија пред 7 до 5 милиони години. Mesopithecus наликувал на денешните макак мајмуни (Macaca spp.), со должина на телото од околу 40 центиметри. Имал витко тело со долги мускулести екстремитети и флексибилни прсти, а бил прилагоден и на одење и на искачување.

Сабјар (Machairodus spp.)

Овој вид голема мачка растел 2 метри во должина и 1.2 метри до рамото во висина. Негова карактеристична особина биле долгите песјаци во форма на сабја кои излегувале од устата дури и кога таа била затворена. Таквите заби, во комбинација со неговата цврста градба, укажуваат дека Machairodus ловел од заседа. Пленот го гризал на критично место, на пример вратот, каде што најлесно можел да прекине некоја артерија.

Дворог (Dihlopus pikermiensis)

Dihlopus е дел од фамилијата Rhinocerotidae, која еволуирала во Евроазија и во која влегуваат сите денешни носорози. Поточно, Dihlopus му припаѓа на племето Dicerorhinini, кое ги вклучува Coelodonta antiquitatis – влакнестиот носорог од плистоценот (или леденото доба), и Dicerorhinus sumatrensis – постоечкиот суматрански носорог.

Палеожирафа (Bohlinia attica)

Bohlinia е истребен род жирафи, кој ги населувал Европа и Африка за време на доцниот миоцен. Родот бил именуван во 1929 година и содржи два вида, B. adoumi и B. attica. Видот B. attica бил рекласифициран неколку пати, прво како Camelopardalis attica а потоа како Giraffa attica. Се смета дека Bohlinia е директен предок на денешните жирафи, со кои има многу слична големина и форма.

Медождер (Eomellivora wimani)

Eomellivora е истребен род на праисториски куни (Mustelidae) – семејство што вклучува повеќе добро-познати животни, како јазовецот, ласицата, и други. Негов денешен најблизок сродник е Mellivora capensis (анг. honey badger), кој ги населува Африка, југозападна Азија, и Индија. Eomellivora растел до 1.1 метри во должина и 50 центиметри во висина, а тежел околу 35 килограми.

Косколомец (Adcrocuta eximia)

Пред околу 10 милиони години, фамилијата хиени (Hyaenidae) се раздвоила на две групи – кучевидни и косколомни хиени. Adcrocuta била првата косколомна хиена и е карактеристична за доцниот Миоцен. Иако черепот на Adcrocuta е многу сличен со оној на денешните хиени, Adcrocuta сепак имала многу погуста градба, со кратки и цврсти екстремитети.

Лесник (Helladotherium duvernoyi)

Helladotherium (или “грчки ѕвер”) е истребен сродник на денешните жирафи и окапи, кој ги населувал Европа, Африка, и Азија за време на миоценот. Растел до 4 метри во должина и 2.3 метри во висина, а тежел до 600 килограми. Досега откриени се само два вида, и тоа H. grande и H. duvernoyi. Првиот од нив е познат само од локалитети во Пакистан, додека H. duvernoyi имал пошироко распространување, вклучувајќи го и Балканот.

 

Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.