Дали знаете што е „Валајца“, за што ја користеле нашите баби и дедовци и каде може да се најде во Македонија?
„Валајца“ е збор кој не им е познат на многу луѓе, особено на помладите генерации. Сепак некогаш овој термин бил често употребуван и е дел од нашата традиција.
Во минатото луѓето имале потреба од валање клашни, односно платно од кое се шиеле панталони и палта. Ова платно било прилично рапаво и тешко, па затоа првин требало да биде измазнето со валање, за да може да се шие, а потоа и да се носи.

Секоја валајца има вир кој служи за перење на јамболии и ќебиња. Валајцата за својата оригинална намена денес ретко се користи, но сепак неколку во Македонија се употребуваат од локалните жители за перење на традиционалните јамболии и ќебиња кои им останале.

Исто така овие места полека почнаа да привлекуваат љубопитни туристи кои сакаат да дознаат нешто повеќе за овие традиционални валајци. На пример една таква активна валајца има во Охрид, во атарот на село Свињишта. Валајцата на семејството Николоски функцинира како туристтичка атракција. Освен што им го покажуваат стариот занает, тие на своите гости им служат традиционален ручек, домашна ракија и домашни сокови.

Во селото Речица, охридско има уште една ваква валајца, која не е толку активна како на семејството Николоски, но сепак има посетители кои се љубопитни да видат за што се работи.

Кај Костин Дол и Речани, меѓу стрмнините на осоговските падини исто така може да се најде валајца. Една локална жителка која заедно со сопругот сѐ уште ја користат вели: „Буката повеќе ни е како атракција, некои луѓе доаѓаат на викенд, па ги интересира, и донесуваат за перење ќебиња, јамболлии. Перењето е за половина саат, саат, а валањето траеше и по два – три дена, зависи од тоа како е исткаен материјалот. Имаме сушалки, ги викаме дрвени простори и тука ги сушиме.“

Секогаш е убаво да дознаеме нешто повеќе за нашата историја и традиција, затоа што некои работи можат да си заминат во минатото без да имаме можност да ги овековечиме.

