Млада и талентирана модна дизајнерка од Струмица средствата од својата колекција ќе ги донира на деца без родители

Токму кога ќе помислите дека сите вести деновиве се лоши се јавува мала надеж дека човештвото е на вистински пат. Денес таков пример е 19-годишната Данче Лазарова од Струмица која со својата хуманост ќе израдува многу детски срца.

Данче е млада и талентирана мода дизајнерка која иако е на почетокот на кариерата зад себе има многу задоволни клиенти. Таа неодамна ја одржа својата прва изложба во Струмица и тоа беше повод да се инспирира за нешто прекрасно.

Лазарова објави дека средствата од своите креации ќе бидат донирани на оние на кои им се најпотребни, децата без родители.

Што би инспирирало 19-годишна девојка на ваков потег се прашувате? Еве што ни одговори Данче: „За ова да го направам ме инспирираше најпрвин како што јас имам поддршка од моите родители и тие деца заслужуваат да имаат поддршка за било која работа. Најпрвин за тоа треба да те мотивираат родителите, да ти подадат рака.“

„Секое дете заслужува да биде сакано и згрижено, но за жал децата без родители немаат доволно поддршка, затоа сакам да покренам иницијатива да ги охрабриме и тие да ги следат своите соништа, како што и јас мојот.“, додава Данче.

Креациите на Данче ќе бидат објавени на Инстаграм профилот dlazarovadesign, за останатите информации можете да ја контактирате младата модна креаторка на истиот профил.

За Данче ова не е прв пат таа да ја покаже својата хумана страна. Минатата година кога пандемијата беше во полн ек Данче донираше 50 рачно изработени заштитни маски за повеќекратна употреба.

Потегот на Данче Лазарова е за секоја пофалба и се надеваме дека уште многу млади луѓе ќе го следат нејзиниот пример.