Македонски рапер му ја исполни желбата на малиот Јован, кој по сериозна повреда има потреба од помош
Секое дете сонува да ја запознае својата омилена позната личност без разлика дали е актер, пејач или спортист. Реалноста вели дека не е можно секогаш ова да се случи, но на малиот Јован желбата му се исполни, иако не во еден од најдобрите моменти во неговиот живот.

Раперот Алфа дознал дека Јован има голема желба да го запознае откако детето тоа му го кажало на болничар вработен во Систина и болничарот стапил во контакт со Алфа за да го направат среќен Јован во ваква тешка ситуација.

Како што пишува Алфа на својот Инстаграм профил, Јован е од Охрид и тој пред неколку дена го скршил петтиот пршлен на вратот. После операцијата е сместен во Систина и има проблем повторно да застане на нозе, затоа што поради скршеницата не ги чувствува нозете и други делови на телото.

Алфа го посетил Јован во болница и како што вели тој го советувал да биде „јак и паметен“. Тој исто така додава дека лечењето на Јован ќе биде прилично скапо и можно е неговите родители да отворат сметка за донации. Така што секој хуман граѓанин кој сака би можел да донира.

Се надеваме дека Јован брзо ќе закрепне и ќе може лично да им се пофали на своите другарчиња дека го запознал својот омилен рапер.
