Богатата историја на Универзалната сала во Скопје која по повеќе од 50 години доби нови темели
Центарот за организирање културни настани Универзална сала во Скопје е резултат на хуманоста на повеќе од 20 држави кои по катастрофалниот земјотрес што го стресе Скопје во 1963 година увидоа потреба од создавање место каде што македонскиот народ ќе ја промовира националната култура и уметност.
Универзална Сала започна со изградба на 1 Јануари 1966 година и оттогаш стана дом на срцата на вљубениците во културата и уметноста, место каде што се креираше македонскиот културен и уметнички модернизам повеќе од 50 години.
Архитектонскиот стил на Универзална сала многу потсетува на Националниот циркус во Софија кој изгорел во пожар во 1983 година, тој пак бил инспириран од архитектурата на циркус во Копенхаген, Данска, каде што инспирацијата ја црпеле од античката архитектура на Пантеонот во Рим.
Капацитетот на салата овозможуваат простор публиката да ја следи реализацијата на бројни културни настани. Универзална сала низ годините беше домаќин на повеќе од 300 театарски претстави проследени од над 250.000 луѓе, 17 мјузикли и 60 оперски претстави проследени од околу 75.000 љубители на музиката. Од 1966 година до денес се одржани повеќе од 170 џез-концерти, 74 балетски претстави, 35 концерти на етно-музика, над 150 концерти од областа на сериозната музика, околу 100 хуманитарни претстави, повеќе од по 600 концерти од забавната и од народната музика, како и 970 претстави и концерти за деца.
Сега, по повеќе од 50 години скопската Универзалната сала доби нови темели кои ќе бидат ‘рбетот на салата која е клучен дел од идентитетот на градот.
Реконструкцијата ќе се одвива во две фази. Првата вклучува обнова на фасадата и на покривот, а ќе има и корекции во постоечката конструкција со цел подобра противпожарна заштита. Во втората фаза ќе се реконструира внатрешноста, а предвдидено е уредување на објетот со нова акустика, светло, канцеларии, фоаје, тоалети, бина, тераси, мебел и седишта.