Оваа професија навистина постои! Погледнете како е да си професионален „туркач во метро“ во Јапонија
Снимката што го обиколи интернетот апсолутно ќе ги згрози сите што сакаат да имаат малку личен простор додека патуваат со јавен превоз.
Видеото за кое станува збор покажува група професионални „туркачи“ како работат во метро -мрежата на Токио.
Јапонскиот железнички систем е познат по својата ефикасност, но оние што го користат можеби повеќе немаат чуство за личен простор.
Повеќето метроa во Токио возат на секои пет минути, или на секои две до три минути во време на гужва, што значи дека има околу 24 возови кои одат во иста насока секој час. Сепак, и покрај импресивниот број редовни возови, пренатрупаноста се` уште може да биде проблем, особено во изминатите години.

Според податоците од Министерството за земјиште, инфраструктура и транспорт од 2007 година за нивоата на метеж на различни метро станици во Токио, скоро сите метроа работат со поголем капацитет, а некои работат и до 200% над капацитетот.

Со цел да се уверат дека што е можно повеќе луѓе се „спакувани“ во вагоните на возот, се ангажираат ошии или „туркачи за метро“ за да ги туркаат луѓето внатре.

Туркачите за првпат биле воведени на станицата Шинџуку во Токио пред многу децении, и поучтиво се нарекувале „персонал за уредување патници“. Во 1960-тите и 70-тите години, овие обично биле студенти кои барале малку приход од работа со скратено работно време.
