Малтретираната ученичка последна се смее: Отиде на матурската придружувана од 300 моторџии

16-годишната Фелисити Варбартон од англискиот град Дројтвич, Ворчестершир, најде необичен начин да им одговори на соучениците кои ја малтретирале претходните години и дојде на матурската прослава, придружувана од 300 моторџии.

Девојката била дислексичар со Аспергеров синдром, односно не била со заостанат развој туку само имала тешкотии да научи да чита и тешкотии во комуникацијата со другите луѓе. Тоа им било доволно на соучениците да ѝ го направат престојот во училиштето доволно мизерен, за таа дури да посегне и по сопствениот живот. Тогаш нејзината мајка стапила на сцена.

„Ја исмејуваа толку многу што дури и размислуваше да изврши самоубиство минатата година, па јас навистина ja поддржав да има матурска која што нема да ја заборави“, вели мајката на девојката, Кетрин Варбортон.

Пред матурската, мајката го исконтактирала локалниот моторџиски клуб преку Фејсбук и ги замолила да ја придружуваат нејзината ќерка на матурска вечер. Според Британката, таа се надевала дека само еден или двајца моторџии ќе одговорат, но, на нејзино изненадување, околу 300 моторџии сакале да ја придружуваат нејзината ќерка.

Во понеделникот, на 6 септември, младата Варбертон имаше спектакуларен настап на матурската прославата на училиштето.

„Не можев веднаш да ја забележам Фелисити меѓу моторџиите! Тоа беше неверојатно. Се надевавме дека ќе дојдат десет моторџии, но имаше стотици. Бевме шокирани. Фелисити уживаше во секоја минута и беше неверојатно задоволна што ја почувствува поддршката од сите моторџии “, рече нејзиниот очув, 45-годишниот Рич Морис.

Со својот чин, матурантката им покажа на малтретирачите дека има голем „грб“ позади себе и дека никој не треба ни да помисли да се шегува со неа. Така, таа ја доби почитта од поранешните соученици.