„Жените се способни да ја извршат секоја работа и да се пронајдат во секоја професија“: Пожарникарката Менка Стојаноска ги руши стереотипите
До скоро имаше само една пожарникарка, Билјана Денчовска, но денес заедно со Менка Стојаноска, се веќе две, кои се бават со оваа професија и се единствените жени во Бригадата за противпожарна заштита во Македонија.

Менка вели дека како дете не сонувала да биде пожарникарка, идејата ѝ дошла подоцна во животот откако добро се запознала себе си и знаела дека ќе се пронајде во професијата.
Таа раскажува дека кога ги доставила документите за пријавување на огласот во Град Скопје пред повеќе од две години, наишла на позитивна реакција. Била единствена девојка меѓу 60 пријавени кандидати. Потоа, сите кандидати требало да минат тестови за физичка подготвеност.

Менка со години тренира боречки вештини, се натпреварувала во бразилско џуиџитсу, џудо и борење слободен стил. Токму тоа ѝ помогнало без проблем да ги помине тестовите за физичка подготвеност. “Но, менталната подготвеност и тимската работа е она што најмногу е потребно во оваа професија“- вели таа.

Пожарникарката додава дека „да се биде жена во оваа професија значи дека мора да се вложи многу напор, но и да се знаат границите на своите можности“.

Таа е свесна дека оваа професија се смета за машка и дека некои се сомневаат во нејзините способности, но тоа не ја обесхрабрува и таа со секоја нова задача докажува дека „жените се способни да ја извршат секоја работа и да се пронајдат во секоја професија“.
За неа предизвик и одговорност претставуваат успешно завршените задачи во чија реализација придонесува со своите вештини.

Постарата колешка на Менка е Билјана Денчовска, првата жена пожарникарка во Македонија. Таа за разлика од Менка уште од „мали нозе“ сакала да носи униформа, а сонот ѝ се исполнил во 2001 година кога станала дел од единицата Лавови, а потоа добила можност да биде пожарникар-спасител во противпожарната бригада.

