Хуман до самиот крај: На денешен ден Тоше Проески го одржа својот последен концерт
Иако болката во срцата на луѓето на Балканот се чувствува како да беше вчера, последниот концерт на македонската легенда Тоше Проески се одржа на овој ден пред 14 години. Само 11 дена по концертот Тоше загина во трагичната несреќа на автопатот кај Нова Градишка, Хрватска.

Концертот се одржа на 5 октомври во 2007 година на Градскиот стадион во Скопје во соработка со УСАИД. Ова беше уште еден од неговите хуманитарни концерти кои тој несебично и со задоволство ги оддржуваше. Концертот беше наменет за обнова на основните училишта во земјата.
„Вклучете ги телефоните, повторно направете ѕвездено небо! Не можам да ви опишам како изгледа тоа одовде, од сцената. Ве молам сликајте, сакам слика од оваа убавина. Никогаш нека не се изгасне ѕвезденото небо! Ова не се опишува.“, беа зборовите на Тоше кои ќе ги паметиме.

На крајот од концертот, на Тоше и неговите соработници им беа доделени статуетки Мајка Тереза во знак на благодарност за хуманоста.

„Под мотото „Образованието е одговорност на сите“ ,големата македонска музичка ѕвезда, Тоше Проески, вечерва во 20ч. на Градскиот стадион во Скопје ќе одржи хуманитарен концерт. Хуманитарниот концерт на Тоше е дел од проектот за основно образование што е поддржан од Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД. Се очекува од концертот да бидат собрани над 100 илјади евра кои ќе бидат инвестирани во обновување на повеќе училишта во Македонија. Мега-популарниот Тоше, е познат по хуманитарните концерти и е еден од ретките кој организира такви концерти секоја година.“, стоеше како опис за концерот.
