Дали сте слушнале за познатата битолска кафеана во која конзулите и познатите пејачки дружини од Виена и Чешка пиеле германско пиво
Пред Балканските војни и Првата светска војна Битола бил голем град со повеќе од 80 000 жители. Куќите претежно биле на два или три ката, а трговските центри, хотелите и кафаните имале посебен шарм и аристократски изглед.
Во близина каде што денес се наоѓа Офицерскиот дом се наоѓала надалеку прочуената кафеана „Терпсис“, до која имало две тениски игралишта. Таму доаѓале битолските конзули да играат тенис, а потоа оделе во кафеаната каде што се точело само германско пиво.

Во кафеаната често навраќал и првиот балкански снимател, Милтон Манаки кој ги фотографирал конзулите, токму оваа меморија останала длабоко врежана слика во сеќавањето на неговиот чирак, Михајло Зега.

Тој се сеќава како додека бил во основно училиште со другарчињата се собирале околу зградата на Офицерскиот дом во Битола и секој ден гледале како конзулите доаѓаат, заедно со нивните телохранители, да играат тенис на двете тениски игралишта до кафеаната. Дој додава како децата, на задоволство на конзулите, ги собирале тениските топчиња, а како награда добивале по една бисквита.

Во тоа време кафеаната “Терпсис“ била монденско место во кое се собирале познатите битолчани со своите сопруги. Во неа имало два мермерни шадрвана околу кои биле поставени 200 маси. Сезоната траела од есен до пролет и често можело да се видат познати естрадни уметници и пејачки дружини од Виена и Чешка кои доаѓале за да се напијат Минхенско пиво кое се точело во локалот.

Од кафаната „Терпсис“ за жал, нема зачувани, автентични, фотографии.
