Дали би се пријавиле? Технолошката компанија ќе плати дебело за да го стави вашето лице на робот

Идејата да му го позајмите лицето на робот можеби звучи како заплет од епизода на „Black Mirror“, но наскоро може да стане реалност.

Производителот на роботи „Promobot“ бара лице за својот следен робот, кој ќе се користи во хотели, трговски центри и аеродроми од 2023 година.

Фирмата нуди неверојатни 200.000 долари за храбриот волонтер, кој мора да биде подготвен засекогаш да ги „даде“ правата за користење на своето лице.

„Promobot“ е производител на роботи со седиште во Њујорк, познат по своите морничаво реалистични  роботи.

Нивните роботи веќе се користат во 43 земји, работејќи во низа улоги, вклучувајќи администратори, промотери, консултанти и консиержи.

Од „Promobot“ изјавија : „Нашата компанија развива технологии во областа на препознавање на лица, како и говор, автономна навигација, вештачка интелигенција и други области на роботиката. Од 2019 година, активно произведуваме и доставуваме  роботи на пазарот. Нашите нови клиенти сакаат да започнат проект од голем обем, а што се однесува до ова, тие треба да најдат нов изглед на робот за да избегнат правни проблеми во иднина“.

Во својата најнова кампања, технолошката фирма бара некој со „љубезно и пријателско“ лице кои ќе биде ставено на роботот кој е нарачан од неименувана американска компанија, а ќе се користи на аеродроми, трговски центри и продавници низ Северна Америка и Блискиот Исток.

„Роботот со нов изглед ќе започне со своите активности во 2023 година, а лицето на избраната личност ќе стане стандард за овој робот“, објаснија од „Promobot“.

Иако „Promobot“ прецизираа дека волонтерот мора да има „љубезно и пријателско“ лице, конкурсот е отворен за апликации од луѓе од кој било пол и возраст.

„Promobot“ не кажаа зошто сакаат да користат вистинско лице, наместо лице генерирано од компјутер, слично како познатиот  робот Софија.