Една од најопасните работи во светот: Луѓе што вадат „ѓаволско злато“ од вулкани

Вулканот Кава Ијен, кој е дел од вулкански комплекс на источниот дел на островот Јава во Индонезија, создава посебна ноќна сцена. Сината лава која ги привлекува туристите е резултат на играта на светлината со сулфурот, од која живее или преживува дел од населението.

Сулфурот е вредна стока, но оние кои го извлекуваат од вулканот ја плаќаат цената со своето здравје. Поради светло жолтата боја, парите што ги добиваат за сулфур, но и штетата што им ја прави, рударите го нарекуваат ѓаволско злато. Во повеќето други делови на светот, сулфурот не се вади рачно, но тоа не е случај во Јава.

За да заработат за живот, рударите се качуваат на мотори околу полноќ одат до подножјето на вулканот и потоа пешачат до надморска височина од околу 2.800 метри. Кога ќе стигнат до врвот, тие внимателно се спуштаат во кратерот за да ги скршат грутките сулфур, да ги стават во корпи и да се искачат назад.

Во реакција со вода и кислород, сулфурот произведува густ чад во кој тешко може да се дише. Похрабрите туристи кои го посетуваат вулканот на тури ставаат маски, но рударите не ги носат затоа што се прескапи.

Во токсична и сурова средина се јавуваат бројни болести: од деформитети на ‘рбетот и нозете до болести на белите дробови и грлото, а бидејќи многумина не се лекуваат, тие често се пензионираат предвреме.

Рударите можат да заработат и до 800 денари дневно, што е повеќе отколку што можат да добијат ако успеат да се вработат во земјоделството. Тие ги издржуваат своите семејства со пари од сулфур, обидувајќи се да им дадат подобра иднина на своите деца.