Мајка го украла идентитетот на нејзината 22-годишна ќерка и во нејзино име подигнала кредит

Мајка од Мисури. САД, се изјаснила како виновна за измама откако две години ја имитирала својата 22-годишна ќерка и ѝ го украла идентитетот за да се запише на универзитет, да обезбеди студентски кредити и да добие возачка дозвола.

Лора Оглесби (48) го усвоила идентитетот на нејзината ќерка Лорен Ешли Хејс во 2016 година, откако аплицирала за картичка за социјално осигурување на нејзино име.

Оглесби живеела со својата ќерка во Џонсборо, Арканзас, пред да се пресели сама на север во Мисури, по што двете изгубиле контакт.

За локалните жители во малиот град Маунтин Вју, Оглесби била 22-годишна студентка наречена Лорен Хејс, која излегувала со мажи кои верувале дека таа е толку млада и работи во градската библиотека.

Но, во реалноста, таа била мајка во нејзините 40-ти, која го презела идентитетот на нејзината ќерка и проневерила над 25.000 долари, и која сега се соочува со затворска казна до пет години без помилување за измама со социјалното осигурување.

„Сите веруваа во тоа“, изјави началникот Џејми Перкинс од полицискиот оддел Маунтин Вју. „Таа дури имаше и момчиња кои веруваа дека таа е на возраст од 22 години“.

Во 2016 година, на денот кога добила лажна картичка за социјално осигурување на име на нејзината ќерка, Оглесби ја искористила картичката за да добие возачка дозвола во Мисури, се вели во соопштението на американското обвинителство за Западниот округ Мисури.

Една година подоцна, Оглесби повторно ја искористила картичката за социјално осигурување за да се запише на Југозападниот баптистички универзитет во Мисури, каде што аплицирала и добила финансиска помош.

Таа добила 9.400 долари федерален студентски заем, 5.920 долари во грантови, 337 долари за книги што ги добила од книжарницата на Универзитетот и 1.863 долари за останати финансиски трошоци.

Југозападниот баптистички универзитет соопшти дека „целосно соработувал во истрагата“. Училиштето не потврди дали Оглесби посетувала настава на колеџот, кој се наоѓа североисточно од Маунтин Вју.

Нејзината приказна се разоткри во 2018 година кога властите во Арканзас го контактирале полицискиот оддел на Маунтин Вју.

Во тоа време, Оглесби живела со Ејвери и Венди Паркер, двојка од Маунтин Вју кои ја примиле од блиското засолниште за жени, откако таа тврдела дека бега од семејно насилство.

Двојката рече дека се однесувале со Оглесби како да е нивна ќерка.

„Таа беше збунета, глупава девојка. Таа имаше 22 години, но глумеше 17“, рече Ејвори Паркер.

Паркерите рекоа дека набргу потоа почнале да забележуваат „црвени знамиња“ кај неа, а во меѓувреме, инспекторите биле влезени во нејзината трага и веќе почнале да ја откриваат вистината зад идентитетот на Оглесби.