(П)оставена на сред парк: Златната коцка од 630 милиони денари за која сите зборуваат

Тркачите рано наутро во Централ парк во Њујорк неодамна беа сведоци на необична глетка – на стопениот снег во близина на Наумбург Бандшел на 2 февруари 2022 година во раните утрински часови (п)оставија златна коцка направена од чисто 24-каратно злато.

Поточно, станува збор за коцка со големина од околу половина метар и тешка 186 килограми, која била истурена во леарница во швајцарскиот град Арау. Креирана е од германскиот уметник Никлас Кастело како концептуално уметничко дело во сите негови аспекти.

Неговата идеја била да создаде нешто што е надвор од нашиот свет – нешто што е нематеријално и да го изложи во еден од најпосетуваните паркови во финансискиот центар на западниот свет на само еден ден.

Иако коцката не се продава, според моменталната цена на златото на пазарот, таа вреди приближно 11,7 милиони американски долари или околу 630 милиони денари. Затоа, не е чудно што освен голем број заинтересирани минувачи, цел ден не ја напуштија и група обезбедувачи.

Ова концептуално дело е своевидна маркетиншка кампања на германскиот уметник како најава за криптовалутата – Castello Coina, која ја пушта во продажба овој месец по цена од 0,39 евра, заедно со аукцијата на незаменливи токени (NFT) најавена за 21 февруари оваа година.

Никлас Кастело е веќе познат по своите скулптури и слики инспирирани од поп културата и консумеризмот, а особено делата на уметниците Жан-Мишел Баскија и Енди Ворхол.