Возбудливо минато: 7 интересни факти за Пекинг кои не можат да се најдат никаде на друго место во светот

По летните Пекинг е домаќин и на Зимските олимписки игри, а во пресрет на спектаклот можеме да се потсетиме на неколку интересни факти за вториот по големина град во Кина. Лоциран во североисточниот дел на земјата, со население од приближно 21,5 милиони, Пекинг е помал за приближно 6 милиони луѓе од Шангај.

Илјадници години историја

Пекинг е еден од најстарите градови во светот. Неговата историја датира три илјади години. Тоа е исто така едно од најстарите населени области во светот. Во археолошкиот локалитет Zhoukoudian, недалеку од Пекинг, пронајдени се фосилни остатоци од синантроп или човек од Пекинг, хомо еректус, кој се смета за наследник на австралопитекусот и предок на хомо сапиенсот, современиот човек. Наодите сугерираат дека се стари околу 680.000 до 780.000 години.

Северниот главен град

Низ историјата, Пекинг имал многу имиња како што се: Џи, Јан, Нанџинг, Јанјинг, Жонгду, Канбалик, Бејпинг, а дури во 1421 година, кога повторно станал главен град на династијата Минг, го добил името Пекинг (Пекинг : северниот главен град).

Марко Поло

Најраните записи за начинот на живот во Пекинг доаѓаат од патописите на Марко Поло. Таткото на Марко, Николо и вујкото Матео, претприемнички трговци од Истокот, го преминале патот кон Кина помеѓу 1261 и 1269 година, придружувајќи се на делегацијата испратена од персискиот Кан Хулагу кај монголскиот великан Кублај Кан, кој тогаш имал свој главен град во Канбалик, денешен Пекинг.

Порцелан како школка

Пекинг во минатото е познат по порцелан, уметничка обработка на жад и слонова коска. Во Европа, порцеланот бил непознат до 13 век, а првиот Европеец што го видел бил Марко Поло. Тој го опишал како фин материјал кој сјае како морска школка. Италијанското име за таква школка е порцелан, па оттука и името – порцелан.

Од ѕидот до патката

Се вели дека во Пекинг е задолжително да се прават две работи: искачување на Кинескиот ѕид и да се проба пекиншката патка. Некогаш царски специјалитет кој датира од династијата Минг, сега е познат низ целиот свет. Покрај изборот на посебен вид патки, внимателната подготовка вклучува прилично интересен чекор: со пумпање воздух во патката кожата се одвојува од маснотијата и потоа се суши на отворено за потоа добро да се испече додека не стане крцкава однадвор и сочна одвнатре. Месото се служи на тенки, прецизно исечени парчиња, а традицијата налага патката да се подели на 120 парчиња. Се јаде со лесни палачинки, исечени краставици и разни сосови, кои одлично го надополнуваат јадењето.

Знаменитости на секој чекор

УНЕСКО има запишано дури седум знаменитости од Пекинг на листата на културно наследство: Кинескиот ѕид, чиј најпосетуван дел е на само 30 километри од градот, Забранетиот град, комплекс од поранешни царски палати изградени на традиционален кинески стил и Небесниот храм како ремек-дело на архитектурата и дизајнот на пејзажот. На списокот се и Летната палата со три четвртини од површината под вода, гробниците на владетелите на династијата Минг, локацијата Жукудија и Големиот канал, најдолгиот постоечки канал или вештачка река во светот.

Забранет град

Забранетиот град е името на поранешната царска палата на кинеските династии Минг и Кинг сместена во срцето на градот. Денес, тој е дел од музејот во Пекинг кој зафаќа повеќе од 720.000 квадратни метри има 890 згради и 9.999 соби.

Името го добил затоа што во времето на императорите никој освен членовите на царското семејство и нивните слуги не можеле да влезат, така што „обичните“ жители на Кина го виделе Забранетиот град за прв пат во 20 век. За изградба на комплексот биле потребни околу 15 години и 200.000 работници, од кои многумина, кои исто така го граделе иКинескиот ѕид, ги загубиле животите поради лошите услови за работа.