Погледнете како дрифтањето автономен автомобил може да му помогне на просечниот возач

Дали автономните возила можат да „дрифтаат“? Повеќето од оние кои во моментов се тестираат на патиштата – не можат. Но, истражувачите од Институтот за истражување на Тојота (TRI) го модифицираа спортскиот модел Supra за да дрифта и да изведува акробации на тркачката патека без никакви проблеми. И сето тоа без возач во кола.

Тие дури објавија видео во кое се фалат со својот успех кое можете да го погледнете најдоле.

И додека некои би можеле да кажат дека најголемото задоволство (и доказ за вештина) е кога возат сами зад воланот на патеката, јапонските истражувачи истакнуваат дека тоа го направиле во име на автомобилската безбедност.

„Целта ни е да користиме напредни технологии кои ги зголемуваат човечките способности, а не ги заменуваат.“, истакнаа во соопштението до медиумите.

Имено, тие сакаат да откријат како реагираат професионалните возачи на трки во одредени ситуации – како на пример кога неочекувано ќе наидат на замрзнат пат, и го користат ова знаење за да ја подобрат безбедноста на автомобилот.

„Ја подобруваме контролата врз автомобилот, со цел на обичните возачи да им ги дадеме инстинктите и рефлексите на професионалните возачи, за да можат полесно да се справат во најпредизвикувачките ситуации и со тоа да бидат побезбедни на патот.“, додаваат тие.

Тие објаснија дека, на многу влажни и лизгави патишта, професионалните возачи на трки често користат „дрифтање“ за да ја совладаат кривината. Ова не е случај со просечните возачи.

За да се постигне ова, истражувачите ја тестираат Супра во различни екстремни услови, што резултира со огромни количини на податоци. Доволно е да се каже дека компјутерот во Supra ја пресметува рутата на автомобилот 20 пати во секунда и може да примени кочење на секое тркало посебно.