Што се случува со Тиквешкото езеро? Уште колку ќе дозволиме да исчезнува пред нашите очи
Секој кој оди кон Кавадарци задолжително треба да застане за да ја види оваа прекрасна убавина, Тиквешкото езеро. Иако станува збор за вештачко езеро на Црна Река сепак Тиквешкото езеро не е помалку вредно од природните и е од големо значење за жителите на општините околу него.

Но, во последните две-три години езерото полека пропаѓа, водата се намалува, а граѓаните остануваат револтирани. Прекумерното празнење доведе до тоа езерото повеќе да не е препознатливо и губи од својата убавина, но исто така ова е на штета на хидросистемот, локалните земјоделци и воопшто локалниот туризам.

На социјалните мрежи Твитер и Инстаграм постојано се појавуваат нови фотографии во кои се бара „спас за езерото“ и во кои јасно се гледа неговата состојба.

Минатиот месец советот на општина Кавадарци ја поддржа иницијативата за спас на Тиквешко Езеро.

Од здружението „Еко-живот” беше предложено да нема празнење на езерото за производство на електрична енергија во тек на пролетните и летните месеци за да се создаде доволна количина на вода за снабдување на хидросистемот, за полевање на земјоделските површини на територија на општините Кавадарци, Неготино и Демир Капија.

Исто така од здружението побараа и да се обезбеди поголема количина за подобра микроклима во летните месеци, како и доволна количина на вода за аквакултура, рибниците со крап, коишто се на Тиквешко Езеро и не се во мал број, како и за околниот разновиден биодиверзитет.


Да се надеваме дека ова нема да е крајот на прекрасното Тиквешко езеро и дека властите ќе се освестат навреме и ќе преземат нешто со цел оваа приказна да има среќен крај. Природата е најважното нешто што го имаме и тоа мора да го сфатиме додека не е предоцна.
