Родители го пронајдоа својот син 16 години откако бил киднапиран

Розалија Лопез и Јасир Масијас, од Гвадалахара, Мексико, последен пат го виделе својот син Салвадор во декември 2005 година, кога го однела жена која тврдела дека е медицинска сестра во болницата каде Лопез штотуку се породила.

Жената му кажала на парот дека времето на посета е завршено и дека го носи нивниот син на хранење. Кога не се вратила со бебето, веднаш го пријавиле како исчезнат, но веќе било доцна, а трагите биле изладени. Родителите мислеле дека сета надеж е изгубена и дека никогаш нема да го видат.

По речиси две децении размислување што се случило со нивниот син, Лопез и Масијас го добија среќниот крај на нивната семејна трагедија за која сонуваа, кога инспекторите успешно го идентификуваа нивниот исчезнат син по неколкугодишни обиди да го пронајдат сега 16-годишното момче.

Според The Mirror, во септември минатата година, Институтот за форензички науки Халиско користел слика на Салвадор како бебе за да изврши анализа на лицето, овозможувајќи им да генерираат слика за тоа како тој би можел да изгледа денес.

Месеци подоцна, истражителите кои работеа на случајот добија дојава за тинејџер кој одговара на описот и профилот на Салвадор. Тие го посетиле во неговиот дом во Ел Салто, предградие на Гвадалахара, каде што живеел со друго семејство, и по извршеното ДНК-тестирање откриле дека 99,99% генетски одговара на Лопез и Масијас.

„Младиот човек беше лоциран во добра здравствена состојба, тој беше чуван од персонал од оваа единица и подоцна беа извршени генетски споредби за да се потврди дека се работи за истото киднапирано лице“, се вели во соопштението на Државното обвинителство на Халиско, за El Comercio.

Во твит со кој го потврди откритието, гувернерот на Халиско, Енрике Алфаро, го опиша повторното обединување како „чудо“, велејќи: „Пред неколку моменти [Салвадор и неговото] семејството официјално ја примија веста што ја чекаа речиси 17 години. Тие повторно ќе бидат заедно.“

Случајот ги привлече насловите низ Мексико, а Салвадор во медиумите е познат по прекарот „Чавита“, додека добронамерниците ги следеа напорите да се идентификува исчезнатото бебе.

Во соопштението, државното обвинителство ја потврди веста за успешната идентификација и потврди дека во тек се напори за расветлување на околностите околу неговото исчезнување. Сѐ уште никој не е уапсен за неговото исчезнување.