Дали некогаш сте виделе бебе гулаб? 5 работи за градските гулаби кои веројатно не сте ги знаеле
Кој не одел зад гулабите по градските улици, не знае што е тоа мачење. Тргнуваш лево, тргнуваат и тие, одиш десно тие пак таму. Ако успорите, некој од позади ќе удри во вас. Зошто се такви и зошто го прават тоа? И зарем не е чудно колку прашања сè уште имаме за нив, а ги гледаме секој ден? Ова се најчестите од нив, со уште неколку интересни работи.
1. Дали имаат поим за време и други луѓе?
Судејќи по нивното однесување на градските плоштади, многумина би рекле не. Научниците велат: да! Можеби не ни се чини затоа што нашиот мозок поинаку ги обработува овие информации, но гулабот е сосема свесен за времето и околината.

Следниот пат кога ќе се запрашате: „Зошто не полетувате, или не полетате во последен момент, кога ќе одам кин вас?“, само запомнете: тие пресметале многу пред вас колку треба да полетаат и дали тоа ќе биде потребно. Навикнати се на живот во градовите и стимули, па мислите дека не им е досадно да летаат на секој ваш чекор? Продолжи, човеку!
Да, тие имаат повеќе од добра перцепција за времето, но и за просторот. Гулабот може да го најде своето гнездо дури и кога, како заложници кои не гледаат каде одат, ќе бидат пренесени на 2.000 километри. Затоа се добри поштари.
2. Храбар воен гулаб спасил 200 животи
Уште во античка Грција носеле спортски резултати од Олимписките игри, а самиот Џингис Кан ги користел како поштари. Но, само слушнете ја оваа модерна приказна. За време на двете светски војни тие биле користени за испраќање пораки – Америка имала дури 200.000 гулаби во резерва.

Еден, односно една од нив беше Шер Ами. Француското име „драг пријател“ го добил поради заслугите во Првата светска војна (во тоа време мислеле дека е машки гулаб, па оттука и машкото име).
Имено, во 1918 година, 550 американски војници останале заробени зад непријателските линии во Франција, и отсечени од сојузничките трупи. Тие се обидоа да им испратат порака на своите соборци дека се заробени, без храна и муниција, но без успех. Во борбите загинаа дури 350 луѓе.

Во еден момент нивниот мајор ја запишал локацијата каде што се наоѓале и извикал за помош. Ја врзал пораката за ногата на гулабот и ја пуштил да лета. Германците ја забележале и почнале да пукаат во неа. Таа паднала на земја, но повторно станала и, иако тешко повредена, полетала. За помалку од половина час нејзината порака стигнала до сојузничката војска. Благодарение на гулабот, војската интервенирала и спасила 194 војници.
Шер Ами станала воен херој, а воените лекари се обиделе да ѝ го спасат животот. Таа била застрелана во градите, заслепена во едното око и ја загубила едната нога. Таа успеала да се опорави, а лекарите ѝ издлабиле мала дрвена вештачка нога. Таа се вратила дома, во Америка, каде што добила бројни медали и почести.
Инаку, таа е родена во 1918 година, а почина во 1919 година како последица на повреди. Имаше само една година, но нејзиното име ја надживеа. Генерации на ученици во децениите по војната дознаа за неа исто толку колку што учеа за истакнати (човечки) воени херои.
3. Зошто не седат на дрвјата?
Во близина на толку убави (преостанати) гранки во градот, седат на ладниот бетон. Значи, зарем не гледаат други птици како уживаат во крошната?

Освен што гулабите би можеле да го кажат истото за нас кои трчаме низ градови во близина на ваква прекрасна природа, има и добри причини. Гулабот е еден од најдолговечните пријатели на човекот, па затоа е навикнат да коегзистира со луѓе во урбаните средини. Згора на тоа, овде е побезбедно бидејќи во природата има многу непријатели. А каде има луѓе има и фини лебни трошки.
Видот со кој ги делиме градските улици инаку има свое природно живеалиште во карпестите падини на планините – така што бетонските, бронзени глави на џинови и олуци се соодветна замена. Иако, има и гулаби кои ќе ги видите на дрвјата.
4. Зошто никогаш не гледаме младенчиња, дури ни мртви гулаби?
Малите гулаби остануваат во гнездото малку подолго, а штом ќе го напуштат, изгледаат како возрасни гулаби. Затоа не ги гледате.
Дури и да сте ги виделе, веројатно не сте ги препознале. Тие се мали, бушави и полни со бело-жолти пердуви. Мама и тато подеднакво се грижат за нив, од исхрана до безбедност. Гулабите живеат во просек околу 6 години, а кога ќе почувствуваат дека е време да заминат, се повлекуваат на скриени места.
5. Се сеќаваат на лица, ја сакаат добрата уметност и Никола Тесла
Гулабите се сеќаваат на нашите лица, дури и кога носиме друга облека. Научниците тоа го докажале со неколку експерименти при кои една група луѓе им носела храна, а друга ги бркала. Со текот на времето, гулабите почнале да ги избегнуваат оние што ги бркале, а доаѓале кај оние со храна иако биле во различна облека. Почнуваме да се сомневаме дали нивните „подароци“ од високо се знак на среќа или казна…

Еве уште пофасцинантен факт. Јапонските научници докажаа како гулабите можат да ги категоризираат визуелните феномени на необичен начин: покажувајќи им слајдови од сликите на Моне и Пикасо, тие видоа како гулабите можат да разликуваат уметнички стилови како што се импресионизмот и кубизмот. Кога им биле прикажани слики од други импресионисти, тие знаеле како да ги поврзат со портфолиото на Моне, а сликите на Брак со стилот на Пикасо – дури и ако сликите биле заматени или црно-бели. И една студија од 2016 година покажа дека разликуваат и пишани зборови.
По сето ова, логично доаѓа информацијата дека тие сакале да се дружат со генијалниот Никола Тесла во парковите во Њујорк, а и тој со нив. Големите умови размислуваат слично…
