13.000 километри револуција: Како германските автопати го променија светот

Иако кога ќе ги спомнете германските знаменитости, прво ќе ви текне на Бранденбуршката порта, Октоберфест или нешто слично, една од работите кои неминовно се поврзуваат со оваа земја се секако автопатите кои ја поврзуваат во целина. Ова е приказна за нив, а ја пренесува CNN.

Популарниот „автобан“ со децении е гордост на Германија, па со него несомнено се поврзуваат и некои митови. Од кој го „измислил“ до тоа дека може да се вози по автопат без ограничувања.

За почеток, можеме веднаш да негираме една приказна – нацистите, всушност, не измислиле или први се сетиле да градат германски автопати. Идејата за експресни патишта кои ќе ја поврзат целата земја се родила по Првата светска војна, а првиот автопат бил изграден во 1932 година и ги поврзувал Бон и Келн. И денес е во функција како дел од автопатот 555. Кога нацистите дошле на власт продолжиле да градат автопатишта, но поради почетокот на војната од планираните 20.000 изградиле нешто повеќе од 3.000 километри.

По Втората светска војна, земјата била поделена на Источна и Западна Германија. На Запад е направен план за обнова на постоечките автопатишта, но и за изградба на нови, а некои дури се изградени како места каде што сојузниците би можеле да слетаат во случај на советска инвазија. Од друга страна, во Источна Германија градбата е запрена, а и денес, повеќе од 30 години по обединувањето, квалитетот на изработката не е секаде ист.

Денеска се изградени вкупно повеќе од 13.000 километри автопати, а многу од нив имаат дури три или четири ленти во еден правец. Автопатите се финансираат од даноци, а за нивна реконструкција се грижи државата, а не регионите. Најдобро од сè, патарините се уште не се наплаќаат за патничките автомобили!

Иако владее мислење дека по автопат можеш да возиш брзо колку што сакаш, тоа е само делумно точно. Неограничено возење е можно само во некои делови, а еден од нив е автопатот што ги поврзува Келн и Франкфурт.

Да речеме дека автопатите не се нужно само за возење. Имено, кога индустрискиот регион Рур беше прогласен за европска престолнина на културата во 2010 година, дел од нивните автопати беа затворени за сообраќај. Наместо да возат, два милиони луѓе потоа го користеа автопатот за пешачење, возење велосипед, трчање или дури – уживање во концертот.