Чудесни карпи: Драматично место каде плимата се искачува на висина од 5 ката
За време на пандемијата се зголеми интересот за туристите да останат на отворено и да ги истражуваат природните убавини, а едно од местата што „цути“ се наоѓа во далечната Канада. Карпите на заливот Фанди во канадскиот регион Нова Шкотска неодамна се прогласени за глобален геопарк. Тие се заштитени од УНЕСКО, што значи дека се препознаени како геолошко и културно уникатно место.

Долг 280 километри со карпи високи до 60 метри, заливот Фанди досега не бил светски позната локација, но сведочи за античките геолошки сили кои сè уште го обликуваат светот каков што го знаеме денес. Никаде на друго место во светот не е можно да се видат остатоците од суперконтинентот Пангеа, кој постоел пред 300 милиони години, а чие распаѓање создало континенти во форма слична на денешницата.

Монументалните сили продолжуваат да го формираат заливот, а карпите се резултат на највисоките плими на земјата. Плимата и осеката се искачува на висина од 5 ката, а со повлекувањето на морето за време на осеката понекогаш може да се види и морското дно!

Студените води на северниот дел на Атлантикот оставија траги на точката каде што Африка се одвои од Северна Америка за време на доцниот тријас, а некои од најголемите текови на лава во историјата на Земјата ги формираа висорамнините околу заливот Фанди. Сличен пејзаж има и во планините Атлас во Мароко, што исто така зборува за некогашното поврзување на континентите.

Поради сето ова, не е чудно што Карпите се богати со фосили и даваат увид во изумирањето на диносаурусите и појавата на првите ‘рбетници кои биле претходници на денешните птици, морските лавови и китови кои денес ја населуваат Нова Шкотска. Во јули 2020 година, фосил стар 310 милиони години беше пронајден во близина на блиските фосилни карпи Џогинс, кои исто така се заштитени од УНЕСКО.

Се верува дека првите луѓе ја населиле Нова Шкотска пред 13.000 години. Народот Микмак летувал на брегот занимавајќи се со лов и риболов. Нивното наследство и култура се зачувани благодарение на археолошките локалитети, а тие ќе бидат изложени во Народниот културен центар Mi’kmaq кој моментално е во изградба.

Во рамките на Геопаркот се наоѓа и Националната историска локација Mi’kmawey, која е една од 40-те туристички места во паркот. Покрај тоа, туристите се заинтересирани за бројни пешачки патеки и геолошки локалитети.

До геопаркот најлесно се стигнува од Халифакс со два часа возење, а посетителите претежно престојуваат во градовите Парсборо, Волфвил и Труро каде покрај сместувањето можат да најдат и бројни ресторани, кафулиња, изнајмуваат кајаци и резервираат тури.
