По 100 години, под мразот на Антарктикот пронајден е потонатиот труп на познат брод
На длабочина од 3.000 метри под мразот на Антарктикот, пронајдени се остатоците од познатиот брод „Endurance“, потонат пред сто години, на кој пловел еден од најголемите светски истражувачи, Сер Ернест Шеклтон, соопшти експедицијата која беше во потрага по него.
Едриличарскиот брод со три јарболи бил изгубен во ноември 1915 година во првиот неуспешен обид на Шеклтон да го премине Антарктикот по копно.

Сите досегашни обиди за лоцирање на дрвената урнатина долга 144 метри, чија локација беше запишана во дневникот на бродот од капетанот на „Endurance“, Френк Ворсли, пропаднаа поради нехуманите услови во областа на Веделското Море.
Но, мисијата Endurance22, организирана од Фолкландското поморско наследство, успеа прецизно да го лоцира бродот користејќи напредни подводни возила Sabertooths опремени со камери и скенери со висока резолуција.

Снимките покажаа дека бродот е во исклучително добра состојба, а неговото име е јасно видливо на крмата. Менсун Баунд, еден од водачите на истражувачката експедиција, изјави дека сите членови биле „преплавени од среќа“.
„Ова е убедливо најдобро сочуваниот труп на дрвен брод што некогаш сум го видел. Стои исправено, закопан во морското дно, недопрен и брилијантно сочуван.“, рече Баунд.

Експедицијата, предводена од британскиот поларен истражувач Џон Ширс, ја водеше операцијата од јужноафриканскиот мразокршач Агулхас II.
Едрилицата со три јарболи потона во ноември 1915 година за време на неуспешниот обид на Шеклтон да го направи првиот копнен премин преку Антарктикот, но планот пропадна кога бродот потона и ги остави познатиот истражувач и неговиот екипаж заглавени на мразот на Антарктикот.

Тие најпрво пешачеле низ морскиот мраз, а потоа испловиле со три чамци за спасување и стигнале до ненаселениот остров Слон, стотици километри оддалечен од најблиската населба.
Очаен да добие помош, Шеклтон веслал околу четиристотини наутички милји (1.300 километри) со четворица членови на екипажот во мал брод за на крајот да стигне до недостапниот остров Јужна Џорџија. Таму нашле помош на привремена станица за китови.

Во четвртиот обид за спасување, Шеклтон успеал да се врати и да го земе остатокот од екипажот од островот Слон во август 1916 година, две години откако неговата експедиција испловила од Лондон.
И покрај сето она низ кое биле принудени да поминат и шеснаесет месеци откако останале без брод, сите членови на екипажот Ендуранс, 28 луѓе, го преживеале бродоломот и се вратиле дома.
