Аукција на ретки предмети што му припаѓале на Стив Џобс: Од конзолата Atari Pong до потпишан чек
На аукцијата, насловена „Револуцијата на Стив Џобс: Енгелбарт, Атари и Епл“, која ќе заврши на 17 март, ќе бидат прикажани ретки предмети од ерата на основање на Apple.
Најинтересниот предмет за колекционерите е чекот од јули 1976 година со вредност од 3.430 долари, потпишан од основачите на Apple, Стив Џобс и Стив Возниак. Се однесува на купување делови за Apple 1.
Ова е од периодот кога немаа свои инвеститори, објасни организаторот на аукцијата Боби Ливингстон, извршен потпретседател на аукциската куќа RR Auction.
Причината зошто чекот требало да го потпишат и двајцата е наведена во нивниот договор. Имено, кога станува збор за секоја цена поголема од 1.000 долари, и двајцата морале да се договорат, а ова е доказ.
Аукцијата ќе понуди голем број предмети поврзани со раниот бизнис на Џобс и Apple, фотографиите од средното училиште на Стив и апликацијата што ја пополнил за работа во Atari, рече Ливингстон.
„Стив не потпишал многу документи. Не сакал да ги потпишува, па неговиот потпис е многу редок. Овој на чекот што го нудиме на аукција е всушност еден од најретките потписи на Џобс од интерес за колекционерите. Секој пат кога на него се појавува документ со потпис на Стив, тој се продава за огромна сума на пари.“, рече Стивен Леви, главен уредник на магазинот Wired, кој го следи развојот на новите технологии.
Американската аукциска куќа во најавата за аукцијата напиша дека предметите, вклучително и една од првите конзоли за видео игри Atari Pong и компјутерскиот глушец на Даглас Енгелбарт од 1960-тите, овозможуваат да се раскаже приказната за компјутерската историја.
„Компјутерите и видео игрите кои ќе ги понудиме на аукцијата се посебни затоа што се прототипови и многу рани модели кои денес тешко се наоѓаат. Нив најчесто ни ги испраќаат луѓе од Силиконската долина кои беа таму кога започна компјутерската револуција“, рече Ливингстон.