За влакно: Опремата за игри го спаси животот на тинејџер додека играше PlayStation

Веќе знаеме дека играњето видео игри е забавно и може да биде добро за развој на фини моторни вештини и координација. Но, да можат да спасат живот, е тоа е веќе невообичаено.

Но, токму тоа му се случи на Џонатан Гонзалес од Лос Анџелес. Гонзалес играл Плејстејшн со пријател кога почувствувал удар во главата.

„Се чувствував како да имаш шлем на главата и некој те удрил во него“, изјави тој за Си-Би-Ес Лос Анџелес.

Погледнал во насоката од која дошол истрелот и открил дупка од куршум во прозорецот на собата. Потоа ги извадил слушалките на Razer што ги имал на главата и открил дупка од куршум во нив.

Почнал да вика мислејќи дека е погоден, што ги разбудило неговите родители кои спиеле во соседната соба. По првичниот шок, сепак, откриле дека со младиот човек се е во ред, но и дека слушалките, по секаква сметка, му го спасиле животот.

Полицајците кои отишле во истрага не можеле да поверуваат каква среќа имало момчето. Утврдиле дека куршумот не бил испукан од непосредна близина, туку дека додека минувал низ прозорецот ја сменил траекторијата, удрил во неколку предмети во собата пред да го погоди младиот човек и неговите слушалки.

Гонзалес, кој се уште е во шок од целиот настан, е убеден дека слушалките му го спасиле животот бидејќи во спротивно куршум ќе го погодел директно во главата.

Откако локалната телевизија ја објави приказната, Гонзалес беше контактиран од Razer и му испратија нови слушалки за да може повторно да ужива додека игра.