Дали би се впуштиле во авантура? Лековит вулкан од кал каде што добивате пиво и масажа за 50-100 денари!

Ако патувате во Колумбија, поточно крајбрежниот град Картагена на север, ќе ви биде тешко да ги избегнете понудите да се „извалкате во Колумбија“. Бидејќи ова е земја во која многумина би се чувствувале небезбедно уште на почетокот да посочиме дека нема причина за страв – згора на тоа, ќе го разбуди тоа разиграно дете во вас.

А можност да се извалкате ве чека во „калливиот вулкан“ Ел Тотумо. Барем така викаат, затоа што не е вистински вулкан, туку рид во облик на конус и (лековита) бања од кал на самиот врв. Во минатото овој „вулкан“ бил исполнет со кал до врвот но со текот на времето нивото на кал се намали за неколку метри.

Посетителите кои се обиделе во оваа бања со кал забележуваат дека искуството било прилично смешно и дека добро се забавувале и се зближиле со другите капачи откако сите сфатиле дека дошле овде да седат во калта на сред никаде. Покрај бањата, ќе имате можност и за масажа за само долар, два.

Бањата со кал е длабока околу 15 метри и се пристапува со дрвени скали кои ве водат од поплиткиот кон подлабокиот дел. Може да капат меѓу 10 и 15 луѓе истовремено. Предупредувањето што ќе ви го дадат оние кои го научиле ова на потешкиот начин е: не бидете „еден од оние паметни момци“ кои ја пикаат главата во калта (да, има и тоа) – затоа што нема да има со што да ја избришете.

Еден посетител го навел и ценовникот: Тура до вулканот ќе ве чини околу 14 американски долари, бакшиш за момчето што ќе ве фотографира е 1 долар, за жена што ќе ве исчисти од кал 1 долар, за момче кое ве масира 1 долар, за пиво 1 долар… Но, самото искуство е непроценливо.

Локалната легенда дури вели дека ова навистина бил вистински вулкан кој блика со лава, оган и пепел, но бил „скротен“ од локален свештеник. Верувајќи дека е дел од ѓаволот, тој го посипал со света вода и го претворил во лековита оаза. Како и да е, денес е убава (и безбедна) дестинација.

Вулканот е оддалечен околу еден час возење од градот Картагена и исто толку далеку од Баранкила, па затоа е совршен за полудневно или еднодневно патување. Сигурно возејќи по колумбискиот брег, ќе најдете поинтересни работи и причини да застанете, барем за фотографирање.