Германец си купил кујна на старо преку eBay, а во еден од висачите пронашол цело богатство

50-годишниот социјален работник Томас Хелер купил користена кујна на eBay, која се продавала за 300 евра, но човекот се исценкал и ја зел за 240 евра. Неколку дена по купувањето, Хелер пронашол две кутии во еден од висачите.

На негово огромно изненадување, во двете кутии имало сметки и две купчиња со пари. Кога ги преброил сфатил дека нашол 150.000 евра. Наместо да се јави на работа да даде отказ и веднаш потоа во туристичка агенција, тој се јавил во полиција.

Полицијата го идентификувала стариот сопственик на кујната, 91-годишна вдовица од градот Хале. Откако нејзиниот сопруг починал, најблиските ја сместиле во дом за стари лица, а нејзиниот најстар внук, кој не знаел за парите, го распродавал мебелот.

Според германскиот закон, пронајдените пари не можат да се задржат доколку сумата надминува 10 евра. На прекршителите им се заканува затворска казна до три години. Бидејќи Хелер доброволно и ги предал парите на полицијата, тој има право на три проценти од сумата, што во овој случај значи дека ќе добие 4,5 илјади евра награда.