Иднината на кошарката во Македонија: Водно Санс Партизан стана европски шампион
Екипата на Водно Санс Партизан од Скопје до 15 години вчера во Финска го освои првото место во Европската младинска кошаркарска лига (EYBL) до 15 години откако во финалето ја победија екипата на Дан Дачијан од Романија со резултат 82:74.
Сезоната во ова натпреварување црно-белите ја започнаа во јануари во Печ, Унгарија каде што земаа учество на прелиминарната фаза и остварија 3 победи и 1 пораз што беше доволно за да се пласираат на плејофот од Централно-европската дивизија на EYBL.
Во плејофот, кој се играше во Дебрецин пред два месеци, со просечна разлика од 18 поени по натпревар тие убедливо ја освоија оваа дивизија и изборија учество на завршниот турнир – „Суперфинале“ на EYBL до 15 години кое од 5-8 мај се оддржа во Карина, Финска.
Во Финска Водно Санс Партизан прилично лесно ја поминаа групната фаза со две победи од две утакмици против домашната екипа на УРА Баскет (77:57, 84:54) за во саботата прво да совладаат репрезентацијата на Грузија (96:67) во четвртфиналето а потоа и екипата на Тарту од Естонија во полуфиналето со резултат 95:84.
Во финалето, отпорот беше посилен но сепак кадетите на Водно Санс успеаа да издвојуваат победа и да се заќитат со титулата европски шампион.
Екипата беше предводена Никола Јаничиќ кој беше прогласен за најкорисен играч на завршниот турнир. Тој во просек бележеше по 25,8 поени, 10,2 скока, 3,8 асистенции и 3,2 украдени топки за индекс на корисност од дури 27.
Веднаш после него беа Дамјан Ивановски кој во просек бележеше 15,8 поени и 9,6 скокови и беше избран во најдобрата петорка на турнирот, и Лука Марјановиќ кој имаше 15,4 поени, 6,4 скокови, 3,8 асистенции и 3 украдени топки по утакмица.
Шампионскиот тим во текот на целото натпреварување го сочинуваа: Никола Јаничиќ, Даниел Бутемер, Марион Лазов, Лука Марјановиќ, Дамјан Ивановски, Давид Дејвис, Давид Китановски, Марко Крајчески, Филип Сребров, Борјан Китановски, Андреј Милошевски, Мартин Геговски и Андреј Гаштарски. Тренер: Горан Андреевски.
Настапот на сите три турнири беше целосно самофинансиран и без поддршка од ниту една институција во државата, вклучувајќи ја и кошаркарската федерација. Голема благодарност до семејствата на играчите кои го поддржаа тимот за да го постигнете овој неверојатен успех.
Европската младинска кошаркарска лига е основана во 1998 година и е единствена младинска лига под покровителство на ФИБА во Европа.