Евровизиските победници се вратија во Украина и беа дочекани како херои од страна на својот народ, дури и во време на војна

Победниците на овогодинешната Евровизија, украинските претставници, групата Калуш, беа пречекани како херои од страна на нивните сонародници. Голем број на жени и војници им оддадоа чест на границата со Полска.

Фронтменот на групата Калуш, Олех Псиук доби симболичен букет со цвеќиња во сина и жолта боја, како нивното знаме.

За возврат, бендот Калуш ја испеа победничката песна во импровизирани услови.

На самиот настап во саботата, тие побараа обединување на светот и прекин на војната. Токму оваа победа му донесе надеж на украинскиот народ во овие тешки времиња.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски уште во саботата им ја честита победата, додека пак граѓаните од градот Калуш беа неизмерно среќни и горди на бендот кој го носи истото име. Во неделата, еден тамошен жител, 74-годишниот Петро Југан рече: „ Го сакам мојот Калуш. Јас и жена ми гледавме до 1 часот по полноќ. И бевме среќни што победивме. Јас скокав. Бев на седмото небо“, потоа додаде „ Но, јас исто така сакам да ја завршиме војната што е можно побрзо и тоа би било уште поголема победа“.
Оркестарот Калуш и нивната песна беа едни од фаворитите на публиката, токму поради моменталната ситуација во Украина.

Ги добија сите симпатии во знак на сочувство и емпатија за украинскиот народ.
Песната „ Стефанија“ е всушност спој на традиционална и рап музика, во која се пее за мајката на фронтменот на бендот, но, воедно и за сите мајки на овој свет. Оваа песна се најде на четвртото место после гласањето на националното жири, но, се искачи на првото место благодарение на гласовите на публиката, и со тоа станаа апсолутни победници на Евровизија.