Фантомски звуци: Што се крие на дното на италијанското езеро?

Јужен Тирол е познат по една од најнеобичните туристички атракции во Европа – езерото Ресија со камбанарија. Тоа е акумулационо езеро на северот на Италија изградено во 1950 година.

Пред изградбата на езерото во овој крај постоело село кое било поплавено од акумулацијата на езерото. Она што денес остана од селото по поплавата е единствен споменик, поточно кулата на селската црква која штрчи надвор од езерото. Во текот на зимата, кога езерото замрзнува, до неа се стигнува пеш. Но, приказната е малку поразлична од онаа нашата во Маврово.

Темелите на градот сѐ уште се под вода, но камбанаријата е доволно висока за да го означи центарот на некогашното место кое многумина го нарекувале дом.

Камбанаријата е важен историски симбол на регионот, поради што е обновена пред десет години. За да се покријат пукнатините на камбанаријата, требало да се исцеди водата од езерото.

Многумина велат дека сè уште го слушаат ѕвоното во кулата, иако било отстрането по изградбата на езерото.