Средношколци од Охрид освоија прво место на меѓународен натпревар за роботика, креирајќи го најдобриот рачно изработен „сумо робот“
Роботите полека го „преземаат“ светот, но убаво е да се знае дека во Македонија има млади, иновативни луѓе кои ќе напредуваат во оваа сфера и ќе ги направат машините покорисни за идните генерации. Оваа година таа чест им припадна на двајца средношколци од Охрид, кои заедно со своите ментори ја претставија Македонија во најдобро можно светло.
Петар Цаноски и Мухамед Асан ученици од трета година во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ се вратија со златен пехар од меѓународниот натпревар од областа на електротехниката, машинството и мехатрониката „Балкан Јуниор 2022“ кој се одржа во Констанца, Република Романија. Тие се убедливо најдобри помеѓу средношколците од 5 средни технички училишта од Македонија, Србија, Словенија, Турција и Романија.
Мухамед и Петар имале теоретски и практичен дел од натпреварот. За теоретскиот дел тие требале да научат 6 предмети, а додека практичниот е позабавен, но и далеку од полесен дел. Практичниот дел е борба на програмирани сумо роботи.
Момците конструирале робот кој ги исполнувал сите параметри, односно, 500 гр максимална тежина, димензии 10 на 10 см, но учениците и нивните ментори не биле ограничени во поглед на тактиките и колку сензори ќе користат.
За тоа колку нивниот успех е од големо значење говори и фактот дека роботите на останатите учесници биле готови, додека пак нивниот бил рачно изработен робот. Роботот имал два фото сензори, еден ултразвучен сензор, мотори кои ги движат тркалата, процесор.
Се надеваме дека во иднина ќе има многу повеќе вакви натпревари и нашите млади ќе имаат можност да напредуваат во кариерите.