„Марија Марија Марија“ преку своите неверојатни рецепти ќе ви докаже дека здравиот начин на живот освен корисен е вкусен и забавен
Секој од нас сака духот и телото да му се во одлична форма и да живее здрав начин на живот, но за жал не сите се подготвени да тргнат по овој пат. Најчесто имаме еден куп изговори кои нѐ „спречуваат“ да го зграпчиме животот со сета сила. Некој ќе каже дека здравата храна не е вкусна, некој ќе каже дека тешко се подготвува, но Марија е тука за да ви докаже дека овие и сличните изговори се сосема неосновани.
Марија Старделова, која живее и работи во Скопје, преку својот Инстаграм профил и веб страна „Марија Марија Марија“ секојдневно споделува брзи, лесни и вкусни рецепти, како и животни навики, кои би можеле да го променат вашето секојдневие од корен. Животот е еден, а здравјето е пред сѐ, затоа ја замоливме Марија да ја сподели својата приказна со надеж дека ќе ве мотивираме и вие да направите позитивна промена.
Кажи ни нешто на кратко за себе. Која е Марија и што ја исполнува во животот?

Марија не е, и нема да биде уште еден обичен нутриционист – и нејзината мисија и цел е да се обиде да им помогне на што повеќе луѓе да јадат повеќе целосна, здрава и растителна храна. Марија сака да искуси и да проба што е можно повеќе работи во животот. Иако има страв од височина, сепак лета со параглајдер и вози зиплајн… Нааааааајголема пасија и се патувањата (#маријапатува), храната и готвењето и фотографијата. Најмногу ја исполнува времето поминато со сопругот, нивната црна лабрадорка Нора и со семејството, прошетките во природа и изиграните „бордгејмс“ со пријателите. Многу сака да оди на концерти. Но многу сака и да стане јака па затоа многу вежба! По професија инаку маркетинг менаџер, моментално работи како маркетинг директор во нова американска компанија за аутсорсинг услуги.
Многу луѓе се „плашат“ од веганството, раскажи ни што претставува тоа за тебе и во кој момент се одлучи да се придржуваш кон овој начин на живот?

Многу луѓе се „плашат“ од каква било промена, нели? 🙂 Инаку, и јас самата се трудам да го избегнувам терминот „веганство“ токму поради репутацијата што ја има. Иако, морам да признаам дека од ден во ден, свесноста за веганството на глобално ниво расте со неверојатно темпо. Сепак, јас не сакам да го употребувам терминот „веганство“ затоа што истиот опфаќа многу повеќе од само начин на исхрана. Она што јас го практикувам е пред сè здрава, избалансирана раститeлна исхрана.

На овој чекор се одлучив пред сè од здравствени причини. Иако не јадам месо веќе 20 години, поради низа случувања морав да направам промена во мојата исхрана и навиките на јадење. Со постојано истражување, читање и едукација, дојдов до бенефитите што растителната исхрана ги има на телото и почнав да креирам план и програма на исхрана согласно моите потреби и цели.
Бенефитите ги увидов за многу краток временски период, целите исто така ги постигнав и сфатив дека промената што ја направив е долгорочна, уживам во неа и токму поради тоа решив да го продлабочам моето знаење и експертиза во областа.
На твојот профил можат да се видат превкусни рецепти за оброци, десерти, закуски и слично, од каде страста и инспирацијата за овие задоволства?

Мислам дека гурман не стануваш, гурман се раѓаш 🙂 Има луѓе (како и јас самата) што премногу уживаат во храната. Некои уживаат само да јадат, некои само да подготвуваат… а јас уживам во двете! Отсекогаш сум сакала да пробувам и комбинирам нови вкусови и да правам „невозможни комбинации“. Се трудам повеќето да ги запишам во тефтерче за да можам да ги повторам и споделам, меѓутоа не секогаш ми успева.
Инаку, сè што објавувам на мојот инстаграм профил и на веб страната, е храна што јас самата ја подготвувам и консумирам, храна што ќе биде дел од моите програми за исхрана и храна што е добра за здравјето. Инспирација црпам насекаде. Имам многу книги за готвење, следам многу готвачи, но најчесто експериментирам околу некоја намирница – на пример карфиол: што сè можам да направам од карфиол и тестирам. Некогаш ми успева, некогаш не, ама таков е животот :)))) (п.с. Пица, мафини, ориз, стек од карфиол – до сега успешни).
Како изгледа еден исполнет ден за Марија Марија Марија?

Максимално исполнето 🙂 Иако се трудам да живеам споро и релаксирано, сепак кога ќе го заокружам денот сфаќам дека и не бил така спор како што би сакала 🙂 Инаку многу сакам рутини и деновите ми се исполнети со неколку. Наутро станувам во 6 часот, пијам голема чаша млака вода и потоа си правам кафе. Прва работа ми е „journaling“ односно запишување на работите за коишто сум благодарна, работи што сакам да ми се случат во денот и работи кон коишто целам во животот. Го пијам кафето, по што следи 15 минутна медитација. И тоа е мојата прва, 30-минутна рутина. По кратка подготовка (немам обемна skin care рутина) излегувам со Нора (мојата 12 годишна црна лабрадорка) на утринска прошетка. Во зависност од денот, времето и нејзиното расположение, пешачиме некаде помеѓу 20 минути и 1 час. Ова време го користам да слушам подкасти, предавања или музика. Следно е утринскиот тренинг. Зависно од денот, утринскиот тренинг ми трае помеѓу 45 и 90 минути.

По ова следи работниот ден. Бидејќи имам постојана работа од 9 до 17 часот во овој период немам многу други активности, освен кратки паузи за појадок и ручек. Појадоците ги правам за 5 минути, додека ручеците ми се најчесто подготвени од претходната вечер или се трудам да не ми одземат повеќе од 15 минути за подготовка. Откако официјалниот работен ден ми завршува, следи уште една прошетка со Нора. Потоа следи втор тренинг, одам на јога и на кикбокс, па зависно од денот и тренингот ги планирам и попладневните обврски. По тренингот, имам малку време да си поиграм со Нора и евентуално да излеземе на уште една кратка прошетка, да средам малку низ дома и да подготвам ручек за следниот ден. Доцните попладневни и вечерни часови се посветени на консултации и разговор со сопругот, учење, читање и планирање на содржини. Планирањето ми е доста темелно и иако звучи лесно и едноставно, сепак ми одзема доста време и енергија. Често со недовршени работи, си легнувам околу 23 часот, прилично изморена 🙂
Содржините што ги планирам во текот на неделата ги подготвувам во викендите. Ова вклучува готвење и тестирање на рецепти, фотографирање и јадење на „неуспешните креации“. Викендите исто така ги користам за сопругот и Нора, да се видам со семејството и пријателите и за прошетки во природа.
Наскоро започнуваш и свој нов проект каде што твоите следбеници ќе можат да добијат и подетален преглед на твојата содржина, што можеме да очекуваме?

Веб страната е веќе готова. Во моментот таму можат да се најдат повеќето (за брзо се надевам и сите) рецепти што низ годините сум ги објавувала на мојот инстаграм профил.
Она што се уште не е активно, а ќе биде во следните неколку месеци, се консултациите за исхрана и персоналните програми коишто ќе почнам да ги изработувам. Но, околу ова може да зборуваме повторно во следна прилика, откако ќе ги добијам сите потребни сертификати и темелното знаење коешто сметам дека морам да го имам. Сепак, не сум лекар, ниту диететичар и пред сè, од морални и етички причини (освен од сопственото убедување) сметам дека пред да почнам да работам со клиенти морам да имам колку што можам повеќе знаење и сертификати за истото.
Што би им порачала на луѓето кои што мислат дека веганството не нуди доволно опции за разновидна исхрана?

Да се заинтересираат малку повеќе. Наспроти оваа популарна мисла, веганството нуди многу повеќе опции за разновидна исхрана. Моќта на природата и она што ни го дава е неверојатна и фасцинантно е што сè може да произлезе исклучиво од растителни намирници. Еден пример за тоа е мојот проект 10 здрави брауни колачиња од зеленчук овошје и цели зрна.
Јасно ми е дека луѓето се навикнати на консумирање на месо и како што кажав и на самиот почеток, нема да навлегувам во идеолошките причини и ставови зошто треба да се намали консумацијата на месо. Сметам дека секој може да проба да ја намали консумацијата за барем 50% и да ја воочи разликата. Здравствено, психички, физички а и планетарно – со намалена консумација на месо, придонесуваме за подолг век на планетата земја.
Кој е оброкот кој најчесто го подготвуваш за себе?

Оброци за 5 минути од типот на: Смути оброк, овесна каша, Чиа или пудинг од ленено семе, тофу омлет. Многу често подготвувам салати во различни комбинации. Многу сакам и чорби и готвени јадења од типот на леќа, кари, рижото (последно откритие ми е рижото со хељда).
Според тебе, која е тајната за здрав и долг живот?

„Тајната за здрав и долг живот“ е многу актуелна и атрактивна тема во научниот свет. Многу лекари, нутриционисти и истражувачи напорно и темелно работат на осознавање на параметрите коишто можат да влијаат кон продолжување на животниот век на човекот. Од посета на места кадешто просечниот животен век на луѓето е над 90 години, до клинички студии… Така што, тајните допрва ќе ги дознаваме и осознаваме. Моментално најистражувани се ефектите од растителната исхрана (коишто даваат неверојатно позитивни резултати), како и од наизменичното (повремено) постење и автофагијата. Сепак, како што кажав, допрва ќе бидеме сведоци на резултатите од студиите на оваа тема.

Јас лично мислам дека тајната е во умереноста и балансот. Жесток поборник сум против пушење цигари, консумирање на пакувани сокови и газирани пијалоци. Исто така сметам дека најдобро е доколку алкохол воопшто не се консумира. Физичката активност е многу, многу важна! Дури и ако е само во форма на пешачење и истегнување. Добриот сон, длабокото дишење и медитацијата исто така играат неверојатно голема улога. Како впрочем и сè што помага за намалување на стресот: прошетка на сонце и повеќе време поминато во природа, слушање музика, читање, гушкање на луѓето што ги сакате… Ова секако не е тајна! Но, доколку дојдам до тајната, со големо задоволство ќе ја споделам со вас 🙂
Сподели со нас еден брз и здрав рецепт, кој секој може да го подготви!

Некако, ова ми е најтешкото прашање (задача) – да споделам само еден брз и здрав рецепт, од причина што скоро сите мои рецепти се брзи, здрави и може да ги подготви секој. Па затоа, споделувам два, затоа што се навистина брзи и лесни.
#1 Пудинг од лен за појадок
Одличен за сите што јадат чиа пудинг, но ја јадат често, па можеби им е малку здосадена. Целиот рецепт и повеќе за придобивките од ленот има објавено на мојата веб страна, а овде на кратко што ви треба да го направите овој пудинг:
- 2 лажици ленено семе, мелено
- (опционално) 1 лажица чиа семе – може и со 3 лажици лен
- ½ шоља растително млеко
- (опционално, но препорачливо) ½ лажица ванила екстракт
- (опционално, но препорачливо) ½ лажиче цимет
- (опционално) ½ лажица јаворов сируп или друг засладувач
- (опционално) 1 дозерка вегански протеин
Начин на подготовка: Се меле лененото семе и заедно со чиа семето се става во тегла. Се додаваат останатите состојки и млекото и убаво се меша додека смесата да се згусне. Доколку е многу густа (ако користите протеин) додадете уште малку млеко. Затворете ја теглата и оставете во фрижидер да отстои неколку часа, или преку ноќ. Послужете со боровница (или овошје по вкус), гранола или путер од јатки.
#2 Најлесните чоколадни барчиња
Овој десерт без размислување го опишувам со 3 збора: лесен, брз, вкусен. Целиот рецепт и детално за сите состојки имам објавено на мојата веб страна, а овде на кратко што ви треба да ги направите овие барчиња:
- 5 лажици какао
- 2 лажици путер од кикирики
- 6 лажици кокосово масло, стопено
- 2 лажици сируп од урми (или јаворов)
- 4 големи свежи урми, без семка, ситно исецкани
- прстофат сол
- (опционално) неколку ситно исечкани ореви
Начин на подготовка: Прелесен! Ги сецкате урмите многу ситно и мешате се во еден сад за убаво се соедини. Смесата ја истурате во калапче/тавче/модла и ставате во фрижидер барем 30-тина минути да се стегне. Премачкувате со путер од кикирики (опционално, но препорачливо) и уживате во магијата!
