Никогаш не се откажувај: Американка го загубила прстенот, подарок од својата прва љубов и го најде после 47 години во Финска
Прочитајте ја неверојатната приказна за патешествието на прстенот, кој бил симбол на една голема љубов, па исчезнал и се појавил по 43 години, точно на Денот на вљубените.
„Имаше многу плачење кога дознав дека некој го пронашол и се потрудил да ме најде“, рече Дебра Меккена (63), која го загубила прстенот кога била во средно училиште. Прстенот пристигнал по пошта во нејзината куќа во Брунсвик минатата недела.
Прстенот му припаѓал на тогаш нејзиното момче Шон, со кое била во врска во средно училиште и на факултет. Тие се венчале кога таа имала 21-година во 1977 година. Двојката останала заедно 40 години, сè до смртта на Шон во 2017 година по шестгодишната борба со ракот.
„Тој ме повика на состанок на Денот на вљубените во 1973 година. Тој ми остави мало писменце во џебот од палтото на училиште.“, вели Дебра. По три дена излегле на состанок. Тогаш Дебра имала 16 години, а Шон бил претседател на матурантите.
Шон ѝ го дал генерацискиот прстен истата година пред да замине на факултет. Но, бидејќи прстенот ѝ паѓал таа го изгубила додека била во шопинг со пријателка. Дебра влегла во тоалет и додека ги миела рацете го извадила прстенот, а потоа го заборавила. Таа вели дека го оставила својот број во продавницата доколку некој сака да го врати, но залудно.
Тие имале добар живот заедно. Таа работела како фризерка, а тој бил претприемач и придружен професор на колеџ. Имале три деца заедно, а наскоро на свет ќе дојде и третото внуче.
Да се вратиме во сегашноста, но на сосема друга страна на светот. Марко Саринен користел детектор за метал во шумскиот градски парк во Карина, мал град во југозападна Финска, кога го нашол прстенот. Тој бил многу возбуден кога го пронашол прстенот и кога сфатил дека е средношколски прстен сакал да го пронајде и сопственикот и така го контактирал средното училиште во САД.
На прстенот биле изгравирани иницијалите и годината на матурирање, така што било лесно да се пронајде сопственикот, односно Шон. Дебра не може да сфати како прстенот завршил во шума во Финска. Покрај таа чудна случајност, на прстенот е напишано името на маскотата на училиштето „Бродоградители“, а Марко кој го пронашол прстенот работи како бродоградител.
Дебра вели дека нејзиниот покоен сопруг велел: „Не постојат случајности“, така што таа верува дека ова е порака од него дека сѐ што е изгубено еден ден се наоѓа. Таа му е благодарна на Марко и е среќна што сѐ уште има добри и чувствителни луѓе.