„Тајната книга на дедо“, нова претстава за деца во просториите на „Јавна соба“ секоја недела од 14 часот
Театарот „Златен Елец“ подготви нова претстава за деца наречена „Тајната книга на дедо“, чија премиера се одржа во недела на 22 јануари во просториите на „Јавна соба“ во Скопје. Автор е Надица Петрова, претседател на независниот театар, која ќе ја видиме и како актерка во ликот на Сара. Другите ликови ги играат актерите Ванеса Тримчевска, Пиринука Киселички, Филип Миленковски, Антониј Ѓорѓиев и Кристина Гиева. Претставата е наменета за деца над три години.
„Тајната книга на дедо” е претстава за деца која низ ликовите на сестричките, дедото, животните и џинот, на детски, забавен и волшебен начин, нѐ учи за правите вредности за другарството, искреноста и лагата, предрасудите и почитта спрема постарите. Низ оваа приказна не водат Сара и Тара. Тоа се две сестрички кои имаат заедничка мисија. Да ја пронајдат тајната книга на својот дедо и да откријат какви тајни се чуваат во неа. Со итар план, успеваат да го натераат дедо им да ги остави сами, за тие да го искористат времето да ја најдат таа тајна книга. Штом ќе ја пронајдат, се впуштаат во еден нов волшебен свет на зајакот, желката, лисецот и џинот. Дали ќе ја откријат најголемата и најважна тајна?
По успешните приказни со „Чувари на планетата” и „Новогодишна авантура” театарот доби безброј позитивни критики од публиката. Како од децата, така и од родителите. „Затоа и имаме мотив да го правиме ова“, велат од театарот.
– „Со најголем ентузијазам засукуваме ракави и низ една подолга креативна работилница ги создаваме ликовите, но и сценографијата, костимите, реквизитите, често и музиката, маркетиншкиот дизајн и слично. Веруваме дека за следните претстави ќе добиеме финансиски средства од државните институции за култура за да можеме да ангажираме професионалци во тие струки да си ја создат својата креација и да бидат платени за тоа, бидејќи ова за нас е забавно, но е исцрпувачко. Сите сме дипломирани актери кои константно работат и ја одржуваат културната театарска сцена во нашата држава. Затоа и заслужуваме слух и поддршка од тие што треба и можат да ни ја дадат. Секоја недела веќе од септември почнавме со редовно играње на некоја од нашите детски претстави во „Јавна соба“. Па така и оваа, ќе се игра во просториите на „Јавна соба“ секоја недела од 14 часот во наредниот месец“.
На 24 јануари, „Златен Елец“ ќе ја игра претставата „Кенди“ во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.
Коментирај анонимно