На нашите млади математичари им требаат 600.000 денари за на Олимпијада. Ајде да ги пратиме нашите умни глави во Јапонија!

Вкупно 600.000 денари се потребни за младите математичари од Македонија да стигнат на Интернационалната математичка олимпијада во Јапонија која ќе се одржи од 2 до 13 јули. Сојузот на математичарите на Македонија (СММ) кои го организираат претставувањето на нашата земја на ИМО 2023 отвори можност за донации за да им се олесни товарот на учениците. Тие неколкупати досега постигнаа фантастични резултати и освоија многу медали на регионалните и светските натпревари. За овој натпревар треба сами да си ги платат авионските билети до Токио. Македонскиот тим на ИМО 2023 годинава го сочинуваат средношколците: Дамјан Давков, Алексиј Тасиќ, Никола Спировски, Никола Цветаноски, Јан Стојановски и Бранко Јангеловски. Учениците ќе ги придружуваат водачот на тимот проф. д-р Мирко Петрушевски и заменик-водачот Илија Јовчески, од Сојузот на математичарите на Македонија.

 

 

64. издание на ИМО се одржува во Чиба, близу Токио. Организатори се Фондацијата на математичката олимпијада на Јапонија во соработка со Агенцијата за наука и технологија на Јапонија и повеќе институции и здруженија од земјата. Ова ќе биде најголемата математичка олимпијада досега, а ќе учествуваат 110 земји од целиот свет.
Македонија во последните години постигнува одлични резултати на меѓународните натпревари. На јубилејната 40. Балканска математичка олимпијада што на почетокот на мај се одржа во Анталија, Турција, Македонија оствари нов рекорд– за прв пат се освоени шест медали меѓу кои еден златен, еден сребрен и четири бронзени. Златниот медал го освои Никола Спировски, сребрениот – Дамјан Давков, а со бронзените се закитија: Јан Стојановски, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски и Алек Танаскоски. Лани на ИМО 2022 во Осло македонската репрезентација освои два сребрени и два бронзени медала. Преклани на ИМО 2021 во Санкт Петербург Дамјан Давков освои сребрен медал и стана најмладиот медалист во Европа на светскиот натпревар.

 

Да им помогнеме на златните деца да стигнат во Токио.

Сојуз на математичарите на Македонија
Ул. Архимедова бр. 3, Скопје,
Жиро сметка: 300000001276071
ЕДБ: 4030991121596, депонент на Комерцијална банка АД